22.10.2012, 15:05 (ФОТО) Две момчиња тешко повредени во сообраќајка кај Василево
Струмица - Две момчиња од струмичкото село Баница се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајната несреќа што вчеравечер околу 19 часот се случи на магистралниот пат Струмица – Радовиш во близина на Василевската раскрсница.
Со ампутирани лева на едното и десна потколеница на другото момче тие се наоѓаат на клиниката за трауматологија во Скопје. До несреќата дошло кога возилото марка „Застава 101“ со кое управувал 26-годишниот В.С од Баница, а кој немал право на управување со моторно возило, се движело од Струмица кон Радовиш и на местото наречено Василевска раскрсница најверојатно не ја прилагодил брзината на движење, изгубил контрола над возилото и удрил во десниот метален заштитен браник на патот.
Од ударот возилото се преполовило по што задниот дел останал на коловозот, а предниот дел паднал на десната страна надвор од патот. Од ударот со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото 26-годишниот В.С и сопатникот, две години помладиот З.С исто така од селото Баница. На В.С му била ампутирана десната потколеница, а на З.С левата потколеница. На лице место увид извршиле истражен судија и екипи од полицијата и основното јавно обвинителство. (С.Т)
|