22.10.2012, 15:49 Владата ќе објави нов тендер за Чебрен и Галиште
За дваесетина дена треба да биде објавен нов тендер за изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште, сoопшти на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
- Проектот повторнo ќе се обидеме да го реализираме како јавно приватно партнерство со таа разлика што сега ќе има малку поголема флексибилност во однос на параметрите на самите електрани. Конечен став за тоа кои ќе бидат измените ќе биде донесен на седница на Влада и истите ќе бидат преточени соодветно во тендерската документација која во наредните дваесетина дена би требало да биде целосно завршена, изјави Пешевски по седницата на Комитетот за стратешки и инфраструктурни проекти.
Според него тендерот нема драстично да се разликува од претходниот во однос на концептот на јавно приватно партнерство. Флексибилност најави во однос на висината на браните со цел идниот концесионер да има можност да ја оптимализира хидроцентралата, како и во однос на поситни технички измени кои би довеле до поквалитетно решение.
Тој додаде дека Комитетот изразил задоволство од постигнатиот напредок кај речиси сите стотина стратешки и инфраструктурни проекти кои се во фаза на реализација. |