22.10.2012, 14:54 Чингоски се повлече од ЕЛЕМ, Бошковски на негово место
На местото на Чинговски доаѓа досегашниот генерален директор на АД МЕПСО Дејан Бошковски
Влатко Чингоски се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД „Електрани на Македонија“. На негово место, како што соопшти ЕЛЕМ, е назначен Дејан Бошковски, досегашен претседател на УО и генерален директор на АД МЕПСО.
На денешната седница, Надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ го усвои барањето на Чингоски за повлекување од функцијата.
Повлекувањето на Чингоски е од лични причини.
- Во изминатиот шестгодишен период целосно се вложив, со сите идеи и можни активности со цел од АД „Електрани на Македонија“ да направам современ, ефикасен и пред се, економски корисен субјект во земјава, и да ја зајакнам како технички, така и финансиски и инвестициски и да се обидам да го етаблирам местото и улогата на ЕЛЕМ не само во рамките на Република Македонија, туку и надвор од нејзините граници, пред се на регионален план. Иднината ќе покаже дали и колку сум успеал во тие напори, стои во изјавата на Чингоски.
За Бошковски, предизвик и голема одговорност било да се води менаџерскиот тим на АД МЕПСО во спроведувањето, креирањето и имплементацијата на новите проекти за модернизација на мрежата, за подобрување на доверливоста и стабилната работа на електроенергетскиот систем и за либерализација на пазарот на електрична енергија.
- По 20 месеци посветена работа задоволство е да се согледа сработеното, да се анализираат стекнатото знаење и новите искуства. Предизвиците за зголемување на ефикасноста во управување со електроенергетскиот систем и надградба на преносната мрежа го трасираа патот и ја креираа агендата и за иднина, пишува Бошковски во изјавата.
Чингоски шест години беше прв човек на АД „Електрани на Македонија“, најдолго во континуитет од сите досегашни директори. Од компанија што работеше на граница на рентабилност, ЕЛЕМ во изминатиов период прерасна во финансиски успешна и моќна компанија која во 2010 година од бизнис заедницата на Македонија беше прогласена за најголем инвеститор во Македонија. Со доаѓањето на Чингоски на лидерската позиција во компанијата заклучно со годинава, вкупните инвестиции на АД ЕЛЕМ се очекува да надминат 300.000.000 евра. ЕЛЕМ почна голем инвестициски циклус за изградба на нови енергетски капацитети и модернизација и ревитализација на постојните.
Изминатите шест години се реализирани капитални проекти, изградбата и пуштање во работа на хидроелектраната Св. Петка, изградбата на главниот транспортен систем за јаглен од Брод - Гнеотино до Суводол со должина од 10 км, модернизација и автоматизација на трите термоблокови во РЕК Битола, ревитализација на шест хидроелектрани, изградба на системот за отпепелување во РЕК Осломеј, ревитализација на турбоагрегатите во ЕЛЕМ Енергетика, изградба на диспечерски центар, дислокација на коритото на реката Темница, итн. Преземени се и подготвителни активности за изградба на нови производствени капацитети, ХЕЦ Бошков мост, акумулацијата Луково поле и ветропаркот Богданци. |