22.10.2012, 10:22 Потпишан договор за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово
Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи и косовската министерка за европска интеграција Вљора Читаку денеска потпишаа финансиска спогодба за прекугранична соработка за 2011 година меѓу Република Македонија и Република Косово, во присуство на шефот на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав и шефот на операции при Канцеларијата на ЕУ во Косово Кристоф Сток.
По повод потпишувањето на Програмата за прекугранична соработка ИПА 2011 вреден вкупно 600.000 евра, вицепремиерката Арифи нагласи дека за ЕУ прекуграничната соработка е значаен инструмент за обезбедување баланси��ан развој и интеграција на европскиот континент.
- Компонентата на ИПА за прекугранична соработка е дизајнирана да ги промовира добрососедските односи, да ги унапредува стабилноста, безбедноста и да поттикнува хармоничен, балансиран и одржлив развој бидејќи тоа е заеднички интерес на нашите две соседни земји, рече Арифи. Таа нагласи дека прекуграничната соработка се реализира и преку конкретни програми, кои ги продлабочуваат врските меѓу соседните земји за широк спектар корисници, како што се јавните институции, НВО, образовните институции, општините, регионалните и спортските клубови.
Според министерката Читаку, соработката во економијата, културата, трговијата и во други области во пограничниот регион е многу значајна за создавање механизми кои ќе ги зближат народите и ќе овозможат да се засилат заедничките аспирации за членство во ЕУ.
- Регионалната димензија на ваквите политики ќе генерира позитивна енергија за промовирање на економската соработка и социјалната кохезија. Владата на Република Косово е одлучна да ја зацврсти и промовира соработката со Република Македонија и тоа од повеќе причини. Македонија не е обичен сосед на Косово, ние имаме посебна и историска релација, истакна Читаку, додавајќи оти затоа косовската влада ќе работи многу во идентификувањето на заедничките агенди и проекти.
Евроамбасадорот Орав потенцира дека прекуграничната соработка помага и во развивање на довербата и разбирањето, а сето тоа е во интерес на развивање долгорочни партнерства. ЕУ, подвлече тој, финансира пет прекугранични програми, а во периодот од 2007 до 2013 година над 25 милиони евра се посветени за прекугранични програми, со што се покажува посветеноста на ЕУ кон економскиот и социјалниот развој на граничните региони.
- Оваа Програма има за цел да промовира одржлив развој во граничните области. Заедничките акции и процеси ќе имаат влијание врз социјалната и економската состојба на населението, ќе го подобри заедничкото управување и валоризирањето на човековите и културните ресурси, рече меѓу другото Орав, додавајќи оти европските фондови се насочени кон економски развој, одржлив развој на животната средина и на социјалната кохезија, рече Орав.
За шефот на операции при Канцеларијата на ЕУ во Косово Сток прекуграничната соработка е еден од клучните инструменти за евроинтеграциите, кој помага во одржливиот развој на двете страни од границата.
Програмата за прекугранична соработка ИПА 2011 со Косово има за цел промовирање одржлив развој на прекуграничните региони со поддршка на заеднички активности и прекугранични проекти кои би имале влијание врз социјалната и економската состојба на населението, подобрување на заедничкото управување и валоризација на човечките, природните и културните ресурси, како и јакнење на имиџот и кохезијата на регионот.
Нејзини потенцијални корисници се непрофитни организации, локални и регионални власти, асоцијации, фондации и стопански комори.
Со средствата доделени за 2010 година во рамки на овој проект започна реализацијата на проектот „изградба на една заедничка зграда за пограничните органи, со пратечка инфраструктура, за новиот граничен премин Белановце-Станчиќ. Реализацијата на овој проект, информираа денеска Арифи и Читаку, е веќе во тек и се очекува да биде завршен до крајот на 2012 година. Во истиот термин се очекува да биде завршена и реконструкцијата на пристапниот пат до овој премин, кој од страна на Република Македонија е во должина од околу 17 километри. |