22.10.2012, 12:39 Хаџиманов и Благне ќе настапат на „Евергрин МК“
Зафир Хаџиманов ќе ги отпее песните „Љуби ме и главата горе“ и „Како Вардар“, а Хелена Благне пред македонската публика ќе го испее хитот „Кога те нема“ на композиторот Кире Костов
Зафир Хаџиманов и Хелена Благне ќе дојдат во Македонија за да настапат на манифестацијата „50 години Евергрин МК“ во петок во Универзалната сала. Хаџиманов ќе ги отпее песните „Љуби ме и главата горе“ на композиторот Глигор Копров и „Како Вардар“ - во која е изведувач и кант-автор. Хелена Благне пред македонската публика ќе го испее хитот „Кога те нема“ на композиторот Кире Костов, со кој настапи на „Макфест“ во 1986 година.
На концертот ќе бидат изведени 20-те композиции кои од македонските граѓани се избрани за најслушани евергрини. За нив тие гласаа со СМС пораки и на интернет-страницата на списанието „Теа модерна“.
Избрани се: „Тајно моја“ од Тоше Проески, „Сите мои слики“ од „Ареа“, „Галебе“ од Верица Ристевска, „Како Вардар“ од Зафир Хаџиманов, „Ивана“ од Кемал Монтено, „Високи штикли и црни чорапи“ од „Конкорд“, „Еден бакнеж“ од Нина Спирова, „Моја гитара“ од „Банкрот блуз бенд“, „Дал да плачам“ од „Бис без“, „Кажи нешто драга“ од Драган Мијалковски, „Неправда“ од „Лева патика“, „Сонце за три светови“ од Мики Јовановски-Џафер, „Кажи зошто ме остави“ од Никола Боби Автовски, „Се што сакав по тебе“ од Симеон Гугуловски, „Остани во мене“ од Калиопи, „Осамен“ на Трајче Манев, „Срце тетовирано“ од Трифун Костовски и Александар Митевски, „Љуби ме и главата горе“ од Зафир и Сенка Хаџиманов, „Кога те нема“ од Хелена Благне и „Роза сина“ од Д.Поповски и З. Милосављевиќ.
На гала-вечерта ќе учествуваат познати музички имиња и групи од македонската естрада, кои организаторот ги најавува како изненадување за посетителите во Универзалната сала и за гледачите на директниот пренос на телевизија „Алфа“. Влезниците за „Евергрин МК“ се во продажба по цена од 500 денари.
|