22.10.2012, 12:22 Драган Даутовски настапи во Хангџоу во Кина
На покана од театарот „Хангзхоу Гранд“ и УНЕСКО, Даутовски со уште неколкумина артисти успешно го реализира овој проект настапувајќи заедно со Симфонискиот оркестар на Хангзхоу
Македонскиот мулти-инструменталист Драган Даутовски, еден од најголемите афирматори на традиционалната македонска музика ширум светот, на 15 септември го посети Хангџоу во Кина, каде беше дел од проектот „Music for Water“. На покана од театарот „Хангзхоу Гранд“ и УНЕСКО, Даутовски со уште неколкумина артисти успешно го реализира овој проект настапувајќи заедно со Симфонискиот оркестар на Хангзхоу.
Ова остварување, вклучувајќи ги и многуте претходни надвор од нашата држава, сведочат за силната посветеност на Даутовски кога станува збор за промоцијата на нашата традиционална музика во странство. Неговата уметничка дејност, покрај педагошката, бележи три активни декади од неговото креативно и уметничко делување. Овој музичар, кој воедно е и водач на квартетот „Драган Даутовски“, бил препознаен од УНЕСКО во 2007 година, со кој се' уште соработуваат. Неодамна остварил голем број настапи на музички фестивали и со Париската филхармонија во УНЕСКО, со Њујорк Симфони оркестарот во „Карнеги Хол“, потоа настапи во Москва, Париз, Брисел, Њујорк заедно со „Осипов“ - Симфонискиот оркестар од руски народни инструменти, во Марибор заедно со Словенскиот камерен гудачки оркестар...
Следниот настап на Даутовски, по покана на локалната власт на Шенжен и УНЕСКО, ќе биде остварен заедно со Шенжен Симфонискиот оркестар, а ќе изведува преработки од дела на Мусоргски. (Т.И.)
|