15.10.2012, 16:23 Победата над Србија императив
Против јужниот сосед без Пандев и Шиков, селекторот Јаневски најави освежувања во тимот на уште две-три позиции
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалската репрезентација на Македонија има можност за поправен по наивниот пораз од Хрватска на домашен терен во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Рехабилитација се бара во Србија чиј национален тим вечерва (20.30 часот) гостува на националната арена „Филип Втори“. И онака тешката мисија за избраниците на Чедомир Јаневски е дополнително обремената со неиграњето на капитенот Горан Пандев (жолти картони), во комбинација не е ниту Ванче Шиков кој се здоби со повреда против „коцкестите“ во петокот.
„Атмосферата во тимот е добра. Времето за подготовки беше кратко, но наша цел остануваат трите бода“, рече Николче Новески, кој вечерва на арената ќе биде наш капитен во отсуство на Пандев.
„Мора да се дигнеме психолошки, индивидуалните грешки да се отстранат и да делуваме како тим“, дополни стоперот на Мајнц 05.
Македонија и Србија влегуваат во меѓусебна пресметка како ранети од претходното коло. Ние, како што е познато, загубивме од Хрватска со 2:1, Србите од Белгија со убедливи 3:0, па трите бода денеска се императив и за нас и за северниот сосед. Македонските репрезентативци мора да заборават на изданието пред четири дена кое беше под нивото на она од Загреб и од Глазгов во септември и да не ги повторат грешките што настанаа на теренот ако сакаат, колку-толку, да го спасат овој циклус кој се уште не е стигнат до половината. Во спротивно, ќе го забележат еден од најлошите воведи во квалификациските циклуси за ЕП и за СП досега.
„Имавме групна и индивидуална анализа на мечот со Хрватска. Укажавме на грешките, а мечот со Хрватска мора да се заборави. Ако се говори на секој час за тој меч, ќе нема ефект за наредниот“, вели Јаневски.
Македонскиот селектор е принуден на две замени во составот од натпреварот со Хрватска. И тоа не е се. Најави дека ќе го освежи тимот на уште две до три позиции.
„Некои играчи сакам да ги одморам, а на некои да им дадам шанса. Вечерва сакаме да докажеме дека против Хрватска имавме лош ден и дека не заборавивме да играме фудбал преку ноќ. Мора да имаме подобри и потечни додавања, побрзо да излегуваме од нашата половина, овие денови обрнавме внимание и на играта во одбрана. Подготвени сме за уште подобро и поорганизирано издание против Србите чиј пораз од Белгија не е вистински одраз на нивниот квалитет и можности“, нагласи македонскиот селектор.
Јаневски накусо ги истакна сличностите и разликите меѓу Хрватите и Србите. За вечерашниот противник вели дека има поподвижни напаѓачи од петочниот наш ривал, нема класичен напаѓач, опасни се фудбалерите по крилните позиции кои доста се менуваат низ теренот. Тоа во делот на разликите, за сличностите истакна една - офанзивните бекови Коларов и Ивановиќ.
Гори и кај Србите. Вечерашниот натпревар во Скопје е одредница за патот по кој тие ќе се движат, но и за иднината на Синиша Михајловиќ на клупата кој уште на слетување на „Александар Велики“ најави оставка доколку не успее да ги одведе „орлите“ во Бразил.
Пандев ќе навива од Италија
Горан Пандев се врати во Неапол и оттаму ќе ги бодри нашите во вечерашниот меч против Србија во квалификациите за СП 2014. Пред натпреварот со Хрватска имавме пет-шест играчи со жолти картони, а токму капитенот заработи уште еден, поради приговор, што автоматски значеше суспензија.
„Во интерес на натамошна добра соработка со неговиот тим Пандев се врати во Италија. И како фудбалер и како личност е одличен. Нему му е најтешко што не е со нас“, рече Чедомир Јаневски.
„Во Глазгов доби жолт картон во обид да го заштити Глигоров. Овде побара објаснување од судијата и пак доби жолт картон. Па, тој е капитен, има право на тоа. Во Англија судиите по пет минути разговараат со капитените што не е случај овде“, заврши Јаневски. |