19.10.2012, 15:24 Наскоро пресуда за Американката со 256 монети
Американката Кенди Данлап, обвинета за отуѓување на културно наследство од особено значање, во истражниот затвор ќе остане најмалку до следниот четврток за кога кривичниот суд ја закажа објавата на првостепената пресуда.
На денешното судско рочиште Јавниот обвинител, во завршен збор, излезе со тврдење дека обвинетата Данлап не можела да се занимава со медицинска помош, како дел од меѓународна мисија, бидејќи нејзинот престој ниту бил пријавен, ниту за таква работа имала дозвола од државните инситуции, а таа не ги познавала луѓето кои и' ги давале вредните монети.
Со сосема спротивно тврдење од она на јавниот обвинител излезе одбраната на обвинетата Данлап. Нејзината адвокатка тврди дека обвинетата не знаела дека во ќесето, кое што било во нејзиниот личен багаж, носи вредни предмети, дотолку повеќе што и самата Данлап била убедена дека станува збор за некакви копчиња. Одбраната тврди, а тоа го кажа и самата обвинета, дека доколку постоеле индиции за нелегално изнесување на вредни археолошки предмети Данлап самата ќе ги пријавела подароците кои што и ги давале жителите на селата Селце, Лозово и Криволак.
Обвинетата Кенди Данлап, мајка на шест деца, на 28. минатиот месец беше уапсена на скопскиот аеродром „Александар Македонски“ при обид илегално да изнесе 256 оригинални монети кои датираат од вториот век пред нашата ера па се' до 12 век и уште неколку артефакти. (Љ.С.)
|