19.10.2012, 12:55 Две убиства и едно самоубиство во Куманово
Животите на тројца мажи од Куманово вчера загаснаа при две убиства и едно самоубиство. Во првиот случај триесет и едногодишен жител на Опае беше убиен на улица во центарот на градот, а неколку часа подоцна убиство на четириесет и едногодишен маж се случи во кумановско Алгуња, а неговиот триесет и деветгодишен убиец веднаш потоа си го одзел животот.
Според информациите на полицијата, околу 21,50 часот во селото Алгуња Бобан Величковиќ (41) бил застрелан со ловна пушка од неговиот роднина Драган Михајловски (39).
Михајловски, како што велат од Министерството за внатрешни работи, потоа заминал кај местото викано Кош и со еден истрел во главата си го одзел животот. Убиецот, инаку работел како овчар кај жртвата, но зошто се решил да го убие својот газда и роднина, од полицијата засегна немаат одговор.
Двете безживотни тело по наредба на истражен судија се предадени за обдукција која треба да открие повеќе за околностите на трагичниот настан.
Неколку часа претходно, околу 16,50 часот на улицата 11 Ноември со осум куршуми во телото беше застрелан триесет и едногодишниот Ендрим Љатифи од Опае.
Љатифи со својот автомобил „голф“ возел по улицата кога од друго возило во кое имало неколку лица било пукано кон него. Жртвата се обидела да побегне кон кумановската болница, но неуспешно неговите убијци го стигнале и го застрелале повеќепати.
По настанот бил примен во Службата за итна помош, но докторите таму само ја констатирале смртта.
Од МВР велат дека имаат осомничени за убиството и се во потрага по нив, но засега не откриваат повеќе информации за идентитет и мотиви на убијците.
|