20.10.2012, 12:14 Еден загинат, а 12 повредени од возач на комби возило во Кардиф
Една 32-годишна жена загина, а 12 лица, меѓу кои седум се деца, се потешко и полесно повредени од возач на комби, кој со своето возило предизвикал серија од сообраќајни несреќи во Кардиф, секогаш бегајќи од местото на инцидентот.
Жената е удрена од комбито додека минувала покрај една противпожарна станица, додека сите повредени се пешаци кои се движеле по тротоарот во центарот на главниот град на Велс, јави дописникот на МИА од Лондон. Сите уинциденти се случија синоќа, на пет различни локации во Кардиф, и сите со возилото „Ивеко-Транзит“. Разулавениот возач подоцна е запрен од велшката полиција и уапсен.
Претставник на полицијата соопшти дека 31-годишниот возач е осомничен за убиство на 32-годишната жена, но одби да ги коментира мотивите на возачот, за она што го направи синоќа на улиците низ Кардиф.
Повеќемина сведоци изјавија дека возачот возел така за да ги предизвика сите инциденти, како и дека со своето возило намерно се упатил кон толпата пешаци за да ги усмрти.
Според полицијата, истрагата ќе покаже дали возачот имал намера да изврши убиство или имал проблеми со комбито.
Болницата во Кардиф, каде се сместени сите повредени, соопшти дека нивната состојба е стабилна, а сите имаат скршеници и повреди на главата.
|