20.10.2012, 12:03 Металург по четири од четири
Македонскиот првак сака со максимален ефект да го дочека ноемвриското дерби со Киелце во Лигата на шампионите
Металург си постави цел со максимални осум бода да го пречека првиот фаворит Киелце на 18 ноември во пресметката за врвот во групата Ц од ракометната Лига на шампионите. За да ја исполни, вечерва од 18 ч. во „Борис Трајковски“ ќе треба да го положи на плеќи и Санкт Петербург откако им зеде мерка на Шамбери, на Горење и на Бјерингбро-Силкеборг. „Дуелот со Киелце ќе биде шлаг на тортата во досегашниот тек на сезоната, но претходно мора да се совлада рускиот вицепрвак, а тоа нема да биде толку лесно како што некому можеби му изгледа. Санкт Петербург во претходното коло ги освои првите бодови со победата над Шамбери од 31:27, а водеа и со осум гола разлика. На стартот во Велење се држеа до завршницата од првото полувреме, пред да бидат разбиени со 35:22. Тоа покажува дека знаат да бидат опасни, па секакво потценување или наше опуштање може скапо да не' чини“, предупредува тренерот на „металурзите“ Лино Червар.
За трофејниот хрватски стратег, ’рбетот на вториот тим според квалитетот во Русија по Чеховски медведи е бековската линија, во која лев бек е Елдар Насиров, плејмејкер Анатолиј Чезлов и десен бек Алексеј Григорјев. Последниот „експлодира“ со деветте гола против Шамбери, а Насиров даде седум во домашниот пораз од 31:21 против Киелце.
Капитенот Ванчо Димовски, пак, вели дека нему и на Младен Ракчевиќ им одговара високиот среден дел од одбраната на противникот. Двајцата пикери на Металург се значително пониски, но и побрзи и поподвижни.
„Полесно е меѓу покорпулентни играчи, па очекувам повеќе топки на шест метри за нас“, вели Димовски. „Санкт Петербург има одреден квалитет, но ние не бегаме од улогата на фаворит и со помош на нашите навивачи се надевам на четврта победа во низа“.
Некогашниот руски репрезентативец Дмитриј Торгованов, кој веќе три години е на клупата на Санкт Петербург, во новата сезона влезе без деветмина од минатата и со шестмина новаци во тимот. Меѓу тие што си заминаа се и најдобриот играч Максим Богданов, голманската легенда Алексеј Костигов и крилото Алексеј Шиндин. Григорјев, кој дојде од Мотор Запорожје, се покажа најдобра аквизиција.
Санкт Петербург беше вицепрвак на Русија во последните три сезони и ова му е трето учество во групната фаза на Лигата на шампионите. Во двете претходни не ја помина групата.
Вечерашниот дуел ќе биде трет меѓу Металург и Санкт Петербург. Лани во првиот меч во Русија беше нерешено 25:25, а во реваншот во Скопје тимот на Червар славеше со 32:19 и го обезбеди историскиот прв пласман во осминафиналето. (Р.Д.)
Лесно за Вардар про, тешко за Куманово
Ракометарите на Вардар про и на Куманово во различно расположение ги очекуваат денешните возвратни средби од второто коло во Купот на ЕХФ. За „црвено-црните“ реваншот со Место Ловосице попладнево од 17 ч. во Чешка е формалност по триумфот во саботата во СРЦ „Кале“ од 36:19. Кумановци, пак, напладне во Снежинск ќе му гостуваат на рускиот прволигаш Сунгул, кој во првиот меч на свој терен го совладаа со 27:26.
|