15.10.2012, 14:58 Михајловиќ: Македонија опасна и без Пандев
Србите со скриен оптимизам во Скопје по дебаклот против Белгија во Белград
Како да го оставиле оптимизмот во Белград, Србија очекува поволен резултат од натпреварот со Македонија вечерва на националната арена „Филип Втори“. Тоа е сосема очекувано со оглед дека репрезентацијата на нашиот северен сосед доаѓа „ранета“ во главниот град на Македонија. По оној пораз од Белгија на домашен терен, кога беа „прегазени“ резултатски, со 0:3, Србите сега се под притисок дека мора да победат ако сакаат и натаму да останат во игра за пласман на СП во Бразил, иако и Македонија не е во ништо подобра позиција од нив.
Знаат што ги чека во Скопје, меѓутоа Србите напоменуваат дека не стравуваат од ова тешко гостување на теренот каде што само прашање на време е која селекција ќе падне, и со тоа ќе и' бидат поматени сметки за пласман во Бразил за две години.
Селекторот Синиша Михајловиќ на пресот одржан на стадионот „Филип Втори“ во Скопје истакна дека ги цени македонските репрезентативци, и покрај тоа што во нашите редови ќе го нема најдобриот фудбалер и капитен Горан Пандев.
„Не менува ништо отсуството на Пандев од македонската репрезентација. Ние се подготвуваме стандардно како тој да игра во противничката селекција, и покрај тоа што добро знаеме дека Пандев е најквалитетниот играч на Македонија“, истакнува Михајловиќ и надополнува: „Македонија е опасна без разлика што ќе недостасува Пандев и што влегува во натпреварот по поразот од Хрватска. И да победеше на тој натпревар ќе беше исто толку опасна колку и сега откако загуби. За нас ова ќе биде многу тежок натпревар. Меѓутоа, ние влегуваме и се подготвуваме како на секој натпревар, и влегуваме во мечот со една цел, да ги освоиме трите бода. Македонија е добра екипа, во своите редови има квалитетни поединци кои може да ни направат проблеми. Но како и секоја екипа има и свои лоши страни кои ги знаеме и не би сакал да ги истакнувам“, рече српскиот селектор.
Прашан колку сега психолошки екипата е подготвена по тешкиот „дебакл“ и колку тоа ќе влијае врз играта и резултатот денеска, Михајловиќ со став: „Екипата реагираше нормално по тој загубен натпревар. Беа разочарани затоа што не дојде награда за добрата игра во првите 60 минути. Сметам дека ако играме така како што игравме во првите 60 минути како со Белгија, тогаш можеме да победиме секого па и Македонија, но ако ја загубиме главата како во последните 30 минути од тој натпревар, можеме да бидеме поразени од секого. Но, јас зборував со играчите и гледам дека кај нив има мотивација за добар резултат против Македонија. Секој натпревар е посебен. Има уште седум натпревари до крајот, и има време да се расипе она што до сега е направено, и исто така има време да се поправи она што е расипано. Верувам дека нашите шанси за пласман на СП не се загубени“, рече Михајловиќ.
Прашан дали би бил евентуално задоволен со нерешен резултат, селекторот на Србија дециден:
„Никогаш не ја подготвувам екипата за нарешено. Секогаш сакам да победувам и верувам дека така размислуваат и играчите. Е, сега ако натпреварот заврши 0:0 тоа мораме да го прифатиме и да продолжиме понатаму“, дополни Михајловиќ. |