19.10.2012, 16:17 (ФОТО) Крвав пир во Кумановско: го убил роднината, па си пресудил
Татариновац во шок, никој не знае зошто Драган Михајловски (39) го застрела Бобан Величковиќ (41)
ФОТО: Киро Попов
ТАТАРИНОВАЦ - „Ем што беа роднини, заедно работеа по цел ден, беа и пријатели. Никогаш не се скарале, не беа пијаници, ниту имаа здравствени проблеми. И вчера си беа добри. Работеа на нива, се шегуваа. Којзнае што е работата, ваква трагедија не памети селово“, не' пречекуваат шокираните жители на кумановското планинско село Татариновац. Не можат да сфатат дека во нивното мирно село се случи убиство и самоубиство. Триесет и деветгодишниот Драган Михајловски со ловџиска пушка го застрела Бобан Величковиќ (41), а потоа си пресуди.
Како што соопшти полицијата, крвавиот инцидент се случи синоќа околу 21,50 часот. Михајловски со ловната пушка што ја поседувал со дозвола, го затрелал Величковиќ. Потоа, се оддалечил стотина метри си пукнал во главата.
„Извршен е увид, за вештачење подигнати се ловна пушка, испукан патрон, нож и четири патрони, а по наредба на истражен судија, телата на починатите се предадени за обдукција“, велат од МВР. (Г.А.)
|