19.10.2012, 13:31 ОРМ: Со предложените измени не се намалуваат работничките права
Организацијата на Работодавачи на Македонија со жалење реагира на изјавата на Бизнис конфедерацијата на Македонија за неприфаќање на предлогот на Организацијата на Работодавачи на Македонија за измена на Законот за работните односи.
Вакви изјави и реакции можат да се случат само кај нас, кога една бизнис асоцијација ќе заборави кои се нивните цели и интереси и наместо да ги штити интересите на нејзините членки-работодавачи, се претвора во синдикална организација.
Организацијата на Работодавачи на Македонија како единствена репрезентативна организација на работодавачите на Македонија излезе со предлогот за менување на Законот за работните односи пред социјалните партнери и на седницата на Економско социјалниот совет закажана за 22.10.2012 год. ќе го образложи својот предлог.
Со предложените измени не се намалуваат работничките права и таквите изјави се паушални и површни од оние кои ги даваат. Со што се намалуваат работничките права , ако при користењето на годишниот одмор во повеќе делови наместо првиот дел, вториот или третиот дел трае најмалку 12 работни дена?
Работничките права не се намалуваат ниту со предлогот- работодавачот со согласност на работникот за дел од прекувремените часови да може да му даде слободен ден. Зарем тоа денес не се случува во праксата? Во многу случаи тоа се прави по барање и по потреба на работникот да отсуствува од работа во одреден ден.
И на крајот најмногу реакции предизвика нашиот предлог за бришење на обврската за писмено предупредување на работникот пред откажување на договорот за работа од причина поради вина на работникот.
Во членот 76 од ЗРО се наведени трите основани причини за отказ и тоа:
1. Работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорените или други обврски од работниот однос (лична причина),
2. работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и
3. престане потребата од вршење на одредена работа под услови наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).
Организацијата на работодавачи смета дека нормално е и потребно работникот писмено да се предупреди ако му се дадени соодветни упатства и насоки за работа, а работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски, како што е предвидено во членот 80 од ЗРО и ваквата одредба не е спорна. Спорно е дали работникот кој направил кршење на работниот ред и дисциплина, а особено потешки прекршоци за кои согласно членот 82 од ЗРО следува отказ без отказен рок треба претходно писмено да се предупредува. Во некои случаи предупредувањето воопшто не е изводливо како што е случајот на неоправдано изостанување од работа три последователни работни дена. Ако законодавецот предвидел дека за вакви тешки прекршоци не следува отказен рок, а во одредени случаи и отстранување од работните простории, тогаш која е логиката од писмено предупредување.
Со нашиот предлог воопшто не се задира во формата и постапката на докажување на сторената повреда како и правото на приговор на работникот на решението за отказ, што значи работодавачот во никој случај неможе да го откаже договорот за работа преку ноќ и како што ке му текне, како што е наведено во паушалните коментари на нашите предлози.
|