19.10.2012, 13:44 Ставрески: Потврдениот рејтинг предвесник за нови инвестиции
Агенцијата „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ+
Охрид - Потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија од „Фич“, за министерот за финансии Зоран Ставрески е јасен сигнал до инвеститорите дека земјава е стабилна, со квалитетни економски политики и дека ќе овозможи на пазарот на капитал да имаме релативно подобри услови и пониски каматни стапки.
„Потврдата е значајна поради две работи. Прво, значи јасен сигнал до инвеститорите дека Македонија е стабилна земја со квалитетни економски политики и второ, значи дека н��шите идни контакти со банките на пазарот на капитал ќе овозможат да бидат со релативно подобри услови и пониски каматни стапки, бидејќи ретки се земјите кои во вакво окружување во Европа им се потврдува кредитниот рејтинг од ’Фич‘ или ’Стандард и пурс‘“, рече министерот Ставрески, додавајќи дека во последните два месеца, на четири- пет земји од опкружувањето им бил намален кредитниот рејтинг и биле оценети како поризични.
Според него, за Македонија во вакви околности да се потврди кредитниот рејтинг и да се истакнат ниското ниво на задолженост, нискиот буџетски дефицит, квалитетните економски политики, стабилниот финансиски сектор и приливот на странски инвестиции, како потенцијал за економскиот раст, се констатации од една реномирана институција за оценка на рејтинг што Македонија ја позиционира многу подобро отколку многу земји од опкружувањето.
Инаку, агенцијата „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ+. (Ек.Р.) |