21.10.2012, 11:24 Вардар про помина, Куманово испадна
Вардар про се пласираа во третото коло на Купот на ЕХФ и покрај поразот на гостувањето кај Ловосице, додека Куманово испадна по загубата во реваншот со Сунгул
Ракометарите на Вардар про се пласираа во третото коло на Купот на ЕХФ, и покрај поразот од 25:24 на гостувањето во Чешка кај Место Ловосице, благодарение на скопската победа од 36:19. Токму огромната позитива од првата средба ги заспа играчите на македонскиот вицешампион, кои си дозволија во првото полувреме да постигнат само шест гола и да примат 13. По критиките на паузата од тренерот Веселин Вујовиќ, „црвено-црните“ во вториот дел почнаа да ја оправдуваат улогата на изразит фаворит и на крајот стигнаа до минимален пораз.
Игор Карачиќ со седум гола беше најефикасен во составот на Вардар про, Јовчевски и Прибак постигнаа по три, Лазаров, Рајковиќ и Раковиќ по два, а Абутовиќ, Маркоски, Недановски, Ојлески и Петриќ по еден. Убедливо најефикасен поединец на мечот беше Јиржи Мотл од Место Ловосице со десет гола.
Противникот во третата рунда вардарци ќе го дознаат по утрешната ждрепка од 14 ч., во која не се привилегирани. Во неа ќе го нема Куманово, кој загуби во реваншот во Русија со 35:31, па се покажа недоволна победата на првиот меч од 27:26 над Сунгул од Снежинск. Стефан Трајковски постигна шест гола за кумановци, Ангеловски пет, Димитриевски четири, Блажески, Јанев, Миладиновски и Павловски по три, Георгиевски два и Димитроски и Димковски по еден. Куманово немаше решение за Алексеј Морозов (девет погодока) и за Сергеј Ушаков (осум). (Р.Д.) |