22.10.2012, 14:15 Металург во мртва трка со Киелце
Полјаците славеа во Шамбери со 36:26 и со „металурзите“ го делат врвот во групата Ц од Лигата на шампионите
Металург и Киелце со максимални осум бода од досегашните четири кола ќе го дочекаат ноемврискиот двомеч за врвот во групата А од ракометната Лига на шампионите. Полскиот првак славеше убедлива победа и на гостувањето во Франција, каде што го декласира „фенерџијата“ Шамбери со 36:26 и поради подобрата гол-разлика е пред „металурзите“ на табелата. Првиот меѓусебен дуел на двете од вкупно четирите екипи со по четири победи во ЛШ (другите две се Веспрем и Барселона) ќе ��е одигра на 18 ноември во Скопје, а реваншот е шест дена подоцна во Киелце.
„Киелце од натпревар во натпревар докажува дека е најголемиот фаворит во нашата група. Купија многу врвни играчи, имаат голем буџет, но сето тоа мора да се покаже на игралиштето. Ние ќе се обидеме да се подготвиме уште подобро за тој натпревар. Одбраната мора да биде многу посилна од сега, мораме да дадеме голема партија, но со ваква публика се' е можно. Ќе се обидеме да дадеме се' од себе“, вели тренерот на македонскиот првак, Лино Червар.
Киелце му го нанесе четвртиот пораз на Шамбери, кој сега е единствениот тим без бод во ЛШ. Несовладливиот Славомир Шмал на голот, брзите контранапади и грешките на ослабениот француски вицешампион на крајот резултираа со нов двоцифрен триумф на Полјаците. Хрватот Иван Чупиќ со осум гола беше најефикасен во победничкиот состав и по четири кола е трет на листата на стрелците во ЛШ. Неговиот сонародник Мануел Штрлек постигна шест, Росински пет, Јурецки и Стојковиќ по четири, Зорман три, Муса два и Бунтиќ, Јахлевски, Лиевски и Олафсон по еден.
Червар го загрижува речиси едномесечната пауза поради почетокот на квалификациите за Европското првенство 2014 во Данска. Македонија стартува против Швајцарија на 31 октомври во „Борис Трајковски“, а на 4 ноември ќе и' гостува на Португалија. Во првата квалификациска група е и носителот Шпанија.
„Морам да кажам дека не ни одат баш во корист претстојните два меча на репрезентацијата, не поради тоа што таа не е битна. Напротив, таа е многу важна и за ракометот и за нас сите, но нам ќе ни отидат 10-11 играчи во репрезентацијата, па ќе имам проблеми со уигрувањето, бидејќи ќе морам да работам со тие што ќе останат“, објаснува трофејниот Хрват на клупата на тимот од Автокоманда.
|