20.10.2012, 12:10 Клучот за „Грипе“ е во одбраната
Македонскиот шампион во комплетен состав ќе ја бара третата победа во АБА-лигата
МЗТ Скопје влегува во вистинскиот пекол што го носи АБА Јадранската лига. Македонскиот шампион, но и целата кошаркарска јавност, во последните две кола имаше шанса да види што точно значи да се биде дел од ова регионално натпреварување. Поразот од Раднички Крагуевац пред својата публика, практично, ги врати „металците“ во суровата реалност, во која лошата одбрана и лесно продадените топки не се простуваат.
Воден од лошото искуство, но добро запознаен со тоа што ги очекува на вечерашното гостување кај Сплит (20,30 ч.) во рамките на петтото коло, Александар Тодоров заедно со своите кошаркари минатите денови ги посветија на одбраната. Во тешко проодниот терен во салата „Грипе“, каде што паѓале и многу поквалитетни екипи, македонскиот шампион ќе се обиде да ги спречи главните адути на хрватскиот тим.
„Повеќе акцент ставивме на одбраната и на тоа како да ги запреме најистакнатите поединци на Сплит. Главни играчи на противникот се Вујчиќ, Мимица и Вукушиќ. Станува збор за екипа која, за разлика од гостувањата, на домашен терен игра многу поагресивно, па би рекол и понечисто. Речиси редовно имаат по три-четири играчи што прават по пет фаули. Сплит е тежок терен за играње, од другата страна ќе имаме ривал кој се смета за класична домаќинска екипа. Можеме да ги победиме само со цврста одбрана“, вели Тодоров.
МЗТ Скопје и Сплит во подготвителниот период има една меѓусебна пресметка, на меморијалот „Мирза Делибашиќ“ во Сараево, а победија „металците“.
„Сплит го има речиси истиот состав од тој меч, а кај нас оттогаш имаме тројца нови играчи, од кои Николовски и Бакиќ не се доволно уиграни со остатокот од екипата. Но, ќе повторам, дефинитивно мораме да се стегнеме во одбраната. Колку лошо и да изгледаат нашиот напад и сите тие загубени топки, сепак, дававме по 75 поени. Со квалитетна одбрана, тие 75 поени треба да се доволни за победа или за тесен резултат, а не да губиме како на претходните два меча“, дополнува Тодоров, кој вечерва на располагање ќе го има комплетниот ростер.
А дека МЗТ Скопје во „Грипе“ навистина го очекува пекол, говори и фактот што сплиќани го немаат заборавено поразот во Сараево и се подготвени за реванш.
„Не смееме да влеземе опуштено. Најважно е да бидеме максимално агресивни. МЗТ има 4-5 играчи кои во секој момент можат да погодат тројка. Најдобри поединци им се Дамјан Стојановски и Чековски. Мораме да го контролираме скокот и да го намалиме бројот на загубени топки. Во Сараево ни се случи проблем, бидејќи не влеговме целосно сконцентрирани. Ако не влеземе со 200 отсто, пак ќе имаме проблем“, смета тренерот Младен Ерјавец.
Двојки за петтото коло: Црвена звезда - Игокеа, Раднички - Шолнок, Сплит - МЗТ Скопје, Цибона - Задар, Широки - Крка, Будуќност - Партизан, Олимпија - Цедевита.
|