20.10.2012, 14:08 Македонските фирми имаат потенцијали
Македонските економски потенцијали се големи, а нашите фирми имаат производи кои успешно се пласираат на пазарите во странство. Исто така, постојат и повеќе примери на успешна соработка на домашни компании со претставници на дијаспората. Овие теми беа тема на вториот панел „Глобално конкурентни македонски производи и услуги: успешни бизнис модели на соработка“, на Глобалниот инвестициски самит што се одржува во Охрид.
Директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој е и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, кој воедно беше модератопр на вториот панел, истакна дека една од главните цели на Самитот е да се стимулира бизнис соработката, како и да се стимулираат младите претприемачи за успешни бизнис приказни.
Вера Ставроф, претседател на „Хербалсајнс“ и „Алкалоид УСА“ го презентира искуството од пласирањето на производите на „Алкалоид“ на пребирливиот американски пазар.
Прехранбената индустрија и ИТ секторот се некои од македонските адути за настап на глобалниот пазар. Позитивни примери се „Макпрогрес“ од Виница чии производи се пласираат во големи синџири маркети како „Теско“, Карфур„, „Конзум“ и други, како и ФХ3Х, која соработува со големи компании од филмската индустрија.
Успешени пример на соработка презентираше Крис Павловски, основач на ЈМГ Канада кој пред две години инвестирал во „Космик девелопмент“, а најави дека во наредните месеци ќе основа и фонд за поддршка на младите ИТ претприемачи. На панелот учествуваа и Емил Христов, сопственик на „ЕМСА солар“, Борис Линч од „Експорт Пакерс компани“ од Канада, и Мики Величковски коосновач на „Карником“ од Скопје. (М.Ј.)
|