20.10.2012, 12:34 Мукаетов: Добра можност за градење мостови меѓу бизнисите тука и нашата дијаспора
Овие два дена се работи квалитетно и дефинитивно станува збор за одлична идеја, истакна првиот човек на скопски „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на паузата меѓу двата претпладневни панели на вториот ден на Глобалниот инвестициски самит што се оджува во Охрид. Според Мукаетов, самитот е добра можност за градење мостови меѓу бизнисите тука и нашата дијаспора надвор, а посебно е значајно и присуството на владата овие два дена.
„Постои синергија и координација меѓу сите сегменти на општеството за градење подобра македонска економија и ми��лам дека треба да стане традиција. Од сето ова може да очекуваме додадена вредност во разни сегменти“, истакна Мукаетов.
На првиот панел утрово стана збор за финансирањето на инвестициите и извозот, при што како што беше истакнато, во Македонија постои атрактивна бизнис околина со ниски даноци, евтина работна сила и макроекономска стабилност. Меѓутоа, постои голема неликвидност и недостиг на доволно капитал на пазарот.
Вкупната пазарна капитализација на компаниите кои се на Македонската берза изнесува 500 милиони евра што претставува околу 5 отсто од вкупниот БДП, што се смета за недоволно. Новите мерки кои што ги предвидува Владата за задолжителна котација може да ја подобрат сликата на пазарот на капитал.
Од страна на дискутантите беше нагласена потребата од дополнителна докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот, бидејќи, како што беше истакнато, нашите фирми на тендерите во странство не можат да дојдат до израз не поради цената туку поради финансирањето на проектите.
На вториот панел темата е конкурентноста на македонските производи и услуги. (М.Ј.)
|