19.10.2012, 15:27 Апелација ја отфрли жалбата на велешани
Апелациониот суд во Скопје ја отфрли жалбата на Зелената коалиција и Општина Велес. Граѓанскиот сектор и локалната власт ја тужеа државата поради тридецениското загадување од „Топилницата“ и бараа да ја отстрани депонијата со згура и да ја исчисти велешката почва од тешките метали.
Од Зелената коалиција, која се' уште не ја добила одлуката на Апелација кратко најавија дека ќе поднесат жалба до Врховниот суд. „Иако оваа пресуда е разочарувачка, нема да не обесхрабри правдата за здравјето на велешани да ја бараме до највисоката судска инстанца во земјава, а потоа и надвор од неа“, стои во писмената реакција на велешките екологисти. Со пресудата отфрлено е барањето да се дислоцира депонијата на згурата тешка 1,7 милиони тони, оти државата во два наврата преку Министерството за животна средина на јавен тендер барала инвеститор кој ќе ја користи или ќе ја дислоцира депонијата за натамошна употреба. Пресудата е заснована и на Законот за животна средина кој предвидува загадувачот одговорен за сторената шета да ја плаќа штетата, а МХК „Злетово“ не работи и е во стечај од 2003 година. Овој судски спор се води од 2005 година и е прв случај општина и граѓански сектор да ја тужат државата. (П.П.)
|