18.10.2012, 14:36 Червар ја спушта топката
Тренерот на Металург бара скромност, мудрост и борбеност во пресрет на мечот со Санкт Петербург
Лино Червар се обидува да ја смири еуфоријата по хет-трикот на Металург на стартот од Лига на шампионите и бара мобилност од своите ракометари пред утрешниот дуел со Санкт Петербург во „Борис Трајковски“.
„По трите победи во Лигата на шампионите, по еден таков старт, логично е некој да ја спушти топката на земја и тоа мора да биде тренерот. Тоа е најдобрата терапија за да останеме приземни и да не летаме во облаци. Само со скромност и со борбеност можеме да ја продолжиме нашата победничка серија. Ни годат комплимен��ите, но ако сме паметни и мудри, треба да продолжиме во ист стил и во следните натпревари. Резултатите од другите групи покажуваат дека нема фаворити, дека се случуваат големи изненадувања и дека секогаш мора да се даде максимумот за да се триумфира“, предупредува трофејниот хрватски тренер на клупата на македонскиот првак.
Рускиот вицепрвак, кој пред почетокот на ЛШ се сметаше за аутсајдер во групата Ц поради ослабениот состав како последица на финансиските проблеми, по поразите од Горење во Велење (35:22) и против Киелце дома (31:21) минатиот викенд на свој терен го совлада Шамбери со 31:27.
„Санкт Петербург во однос на минатата сезона промени пет важни ракометари. Голманот Шицко беше одличен во првите три меча, а најсилен дел од тимот е бековската линија, во која се издвојува десниот бек Григорјев, висок 196 см. Тој беше ’тивок‘ во првите две кола, но ’експлодира‘ против Шамбери, кога постигна девет гола и му донесе победа на рускиот тим. Во одбраната играат дисциплинирано, најчесто зона 6-0 или евентуално 5-1, при што во средината имаат тројца високи играчи“, го скенира противникот Червар.
Капитенот Ванчо Димовски ја прифаќа улогата на фаворит за неговиот тим, но и тој бара да не се потценува противникот.
„Победата над Шамбери покажува дека воопшто не се наивна екипа, туку состав со одреден квалитет, иако пред почетокот на ЛШ се сметаа за аутсајдери во групата. Не се плашиме, не бегаме од фаворитската улога, но мораме да бидеме претпазливи. Саботниот меч е голем тест за нас“, вели пикерот на Металург.
По гостувањето во Данска кај Бјерингбро-Силкеборг, левиот бек Велко Маркоски ќе го пропушти и овој дуел поради повредата на мечот со Горење. Покрај специјалистот за одбрана, неизвесен е настапот на голманот Петре Ангелов, кој има болки во грбот, па можно е првпат сезонава во ЛШ да добие шанса Никола Митревски. (Р.Д.)
|