14.10.2012, 16:19 Торп се соочувал со убиствена депресија
Петкратниот олимписки шампион со години се борел со деструктивна депресија, пиел огромни количини алкохол и бил на раб на самоубиство
Поранешната пливачка суперѕвезда Јан Торп откри фрапантна вистина. Австралиецот со години се борел со деструктивна депресија, пиел огромни количини алкохол и бил на раб на самоубиство. Петкратниот олимписки шампион тајната ја обелодени во својата автобиографија „Ова сум јас”, што треба да биде објавена следниот месец.
„Дури ни моето семејство не беше свесно дека голем дел од животот поминав борејќи се со депресија која може да ја наречам уништувачка“, пишува 30-годишниот Торп признавајќи дека тоа се случило како резултат на негова карактерна мана. Тој беше вистински хит на Олимпијадата во Сиднеј кога освои три злата и две сребра како 17-годишен талент и го доби прекарот „Торпедо“. Проблемите почнаа по ОИ во Сиднеј кога Торп „се спријателил” со алкохолот и дошол на раб да стане целосен зависник.
„Пиев за да се ослободам од ужасните мисли, но тоа го правев зад затворени врати, како што и многу други депримирани луѓе се решаваат да ги бркат своите демони“, додава Торп. „Тоа беше единствениот начин да заспијам. Не се случуваше секоја ноќ, но многу често меѓу 2002 и 2004 година, кога се подготвував во Атина да ги бранам трофеите од Сиднеј. Дури размислував и на конкретни начини и места за да се убијам, но на крај секогаш се повлекував мислејќи колку е сето тоа глупаво“, се исповеда Австралиецот, кој во Атина освои два златни медала и по еден сребрен и бронзен.
Торп ја искористи книгата и за да потврди дека не е геј, иако медиумите долго шпекулираа за тоа. |