17.10.2012, 14:34 Камерон бара остри казни за Србија
Поради расистичките испади на српските навивачи на мечот меѓу селекциите до 21 година во Крушевац, британската Влада бара од УЕФА остри санкции за Србија
Британската Влада побара од УЕФА да и' изрече остри санкции на Србија, а не само „смешна парична казна“ за расистичкото однесување на нејзините навивачи на натпреварот на селекциите до 21 година во Крушевац. Англискиот дефанзивец Дени Роуз беше навредуван на расна основа и гаѓан со камења пред, за време и по мечот во кој Англија победи со 1:0 и се пласира на Европското првенство во Израел.
Самиот Розу побара Србија да биде суспендирана о�� меѓународниот фудбал, а портпаролот на британскиот премиер Дејвид Камерон соопшти: „Премиерот е згрозен од сцените што ги видовме во Србија. Ние сме решени да го жигосаме расизмот во меѓународни рамки и дома и и' даваме целосна поддршка на жалбата од Фудбалската асоцијација. Министерот за спорт Хју Робертсон му пиша на претседателот на УЕФА, барајќи од него да се истражи случајот. Очекуваме остри санкции ако сакаме да го исфрлиме расизмот од фудбалот“.
„Не е добро да се изрекуваат смешни казни како во минатото. Не е добро луѓето само да се ракуваат и да заборават. Потребни ни се соодветни казни“, додаде премиерот Камерон.
Роуз побара најостри можни санкции.
„Тие треба да бидат суспендирани. Не разбирам како поинаку би можеле да извлечат поуки од ова“, изјави играчот на Тотенхем зајмен во Сандерленд, кој погоди во последните секунди од судиското надополнување за вкупна победа на Англија од 2:0 во двомечот со Србија. Веднаш потоа изби тепачка меѓу играчите на теренот, а Роуз доби црвен картон поради тоа што ја шутна топката по последниот свиреж на судијата. Тој се пожали на расистички навреди против него. |