14.10.2012, 11:34 Фетел триумфираше во Кореја
Германецот ја освои денеска Големата награда на Кореја и со оваа победа изби на првата позиција во генералниот пласман
Актуелниот шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, триумфираше на денешната трка за Големата награда на Кореја и со оваа победа, вкупно 25. во кариерата, изби на првата позиција во генералниот пласман.
За Фетел ова беше четврта победа сезонава, а во текот на целата трка имаше водство, откако го презеде на стартот од клупскиот колега од Ред Бул, Марк Вебер. Токму Вебер се пласира на втората позиција, а тој имаше и најбрз круг на трката.
Подиумот го комплетираш�� досегашниот лидер Фернандо Алонсо од Ферари. На четврта позиција се пласира вториот возач на Ферари, Фелипе Маса, петти заврши Кими Раиконен (Лотус), а шестти Нико Хулкенберг (Форс Индија).
Во генералниот пласман во водство сега е Фетел со 215 бодови пред Алонсо со 209, Раиконен има 167, а Луис Хамилтон 153. Кај конструкторите Ред Бул имаат 367 бодови, следи Ферари со 290. Следната трка се вози на 28 октомври во Индија. |