14.10.2012, 20:30 Хет-трик на Металург во Лигата на шампионите
Македонскиот ракометен првак го совлада Силкеборг во Данска со 26:23 и со максимален ефект е на делба на првата позиција во групата Ц
Македонскиот ракометен шампион и во третиот натпревар ја постигна третата победа во Лигата на шампионите. Совладан е данскиот тим Силкеборг со 26:23 (11:14) и со вкупно шест бодови Металург е на делба на првата позиција во групата Ц.
По добриот почеток и водството од 4:2, тимот на Металург направи серија грешки и данската екипа го презеде водството и со серија од 4:0 поведе со 6:4. Безуспешни беа сите обиди од клупата на тренерот лино Червар да ја мобилизира екипата, но грешките на Металург на крајот од првиот дел на домаќините им донесоа водство од 14:11.
На стартот од вториот дел Металург е уште во криза, па Силкеборг во два наврати има и највисоки четири голови предност (17:13 и 18:14) во 40.та минута. Металург првпат во вториот дел изедначи на 19:19 во 48.та минута, а до 53.та минута уште двапати беше нерешено.
Македонскиот првак и покрај многуте исклучувања, во 53.та минута поведе , а по серијата од 5:0 веќе имаше и убедливи 25:21 во финишот на натпреварот. До крајот Металург успеа да го задржи водството.
Јунак на натпреварот беше Дарко Станиќ со 20 одбрани, а најефикасни беа Наумче Мојсовски со 7 голови. Ренато Вугринец и Гоце Георгиевски постигнаа по 5.
На чело на табелата во Ц групата се Килеце и Металург со по 6 бодови, Силкеборг, Горење и Санкт Петербург имаат по 2, Шамбери е последен без бод.
Во 4.коло Металург на домашен терен на 20 октомври игра со Санкт Петербург.
|