12.10.2012, 19:56 (ФОТО) Наивен пораз на Македонија од Хрватска
Ракитиќ со гол од 40 метри во второто полувреме им донесе голема победа на Хрватите (2:1) на „Филип Втори“
Известува: Никола Бурагев
Македонската фудбалска репрезентација го доживеа вториот пораз во квалификациите за СП 2014, откако вечерва на преполниот „Филип Втори“ загуби од Хрватска со 1:2 (1:1).
Творец на триумфот на Хрватите беше Иван Ракитиќ кој со гол од слободен удар од 40-тина метри во 60. минута го изненади подизлезениот Богатинов. Македонија поведе со голот на Ибраими по 16 минути игра, а израмни Чорлука во 32. минута.
Македонија беше во најмала рака рамноправен противник, но повторно една наивна грешка ја чинеше пораз. Ова беше прва победа за Хрватите во вкупно третото гостување во Скопје, а втор триумф во овие квалификации, покрај нерешениот исход со Белгија.
Македонија ќе има шанса за поправен веќе во вторник, кога на „Филип Втори“ гостува Србија, која вечерва дома загуби од Белгија со 0:3. Нашата репрезентација ќе биде ослабена со неиграњето на капитенот Горан Пандев, кој вечерва заработи втор жолт картон.
(90') Крај на натпреварот. Среќна победа на Хрватска од 2:1. Во третата минута од судиското надополнување, гостите можеа и поубедливо да слават, но Калиниќ од слободен удар ја погоди стативата.
(86') Голема прилика за Хрватска. Калиниќ сам пред Богатинов шутира крај голот.
(83') Шанса за Македонија. Николче Новески од изгледна позиција бие над голот.
(77') Голема шанса за Хрватска. Нововлезениот Калиниќ сам пред голманот Богатинов шутираше покрај голот.
(72') Замена во хрватскиот национален тим, Калиниќ наместо Јелавиќ, додека кај Македонија Грнчаров влезе на местото на Шиков.
(60') ГОЛ за Хрватска. Иван Ракитиќ од слободен удар од 40-тина метри го изненади подизлезениот Богатинов за водство на Хрватска од 2:1.
(50') Македонија подобра на почетокот на вториот дел. Горан Пандев ја измеша хрватската одбрана и беше соборен во шеснаесетникот, но судијата Расусен не покажа на белата точка. Свирежи и незадоволство на трибините.
(45') Крај на првото полувреме. Завршницата на првиот дел им припадна на Хрватите кои во финишот неколкупати опасно се заканија. Според прикажаното во почетните 45 минути, нерешенот резултат 1:1 е најреален исход. Македонија поведе преку Ибраими во 16. минута, а израмни Чорлука во 32. минута.
(32') ГОЛ за Хрватска. Ведран Чорлука по корнерот на Ракитиќ го совлада Богатинов. Хрватскиот дефанивец од Локомотив Москва беше оставен сам од нашата одбрана и не му беше тешко да ја затресе мрежата.
(31') Хрватска повторно се закани. Ракитиќ кус по додавањето на Манџукиќ од левата страна.
(26') Првиот удар за Хрватска го упати Јелавиќ по корнерот на Ракитиќ. Со глава биеше за малку над голот.
(16') ГООООООООООООООЛ за МАКЕДОНИЈА (1:0). Агим Ибраими на додавање на Ристиќ со шут по земја го совлада Плетикоса за еуфорија на „Филип Втори“.
(13') Игра на средината на теренот, без посериозни закани кон двата гола. Хрватска изведе еден корнер, а жолт картон во нашиот национален тим доби Стевица Ристиќ.
(20:32) Натпреварот започна, а во истовреме во рамките на нашата група 1, Србија во Белград ја пречекува Белгија. Во 20.45 часот почнува натпреварот Велс - Шкотска.
(20:21) Громогласна поддршка за Македонија од 35.000 грла на преполнетата Арена „Филип Втори“. Фудбалерите од двете репрезентации и судиската тројка предводена од Данецот Расмусен излегоа на теренот во исчекување на интонирање на државните химни.
(20:08) Состави: Македонија (4-2-3-1): Богатинов, Георгиевски, Попов, Новески, Шиков, Тричковски, Шумуликовски, Ристиќ, Пандев, Демири, Ибрахими. Селектор: Чедомир Јаневски.
Хрватска (4-4-2): Плетикоса, Стриниќ, Шимуниќ, Чорлука, Ракитиќ, Вукојевиќ, Јелавиќ, Модриќ, Срна, Манџукиќ, Перишиќ. Селектор: Игор Штимац.
Мечот ќе го суди Петар Расусен од Данска, а ќе му помагаат сонародниците Хенрик Сондерби и Ларс Рикс.
(20:01) Фантастична атмосфера на арената „Филип Втори“ во Скопје, каде за околу половина час ќе почне квалификацискиот меч за СП 2014 меѓу Македонија и Хрватска. И двет:е репрезентации веќе се загреваат на теренот, а стадионот е скоро исполнет.
ФОТО: Петр Стојановски |