18.10.2012, 15:19 Успешно деби на Куманово во БИБЛ
Македонскиот репрезентативец Александар Костоски на три секунди до крајот погоди за победа на неговиот тим над Морнар од 71:69
Александар Костоски е јунакот за Куманово во премиерното издание во БИБЛ-лигата. Македонскиот репрезентативец на три секунди до крајот погоди за победа на неговиот тим над Морнар од 71:69.
Триумфот на вториот македонски претставник во балканската лига е сосема заслужен, особено ако се земе предвид дека избраниците на Љубислав Луковиќ имаа двоцифрена позитива во поголем дел од натпреварот. Добрата одбрана го принудуваше гостинот на доста грешки, на крајот на првото полувреме, кумановци заминаа со 37:28.
Рано во третиот период нашиот тим дојде до највисоки 47:32. Но Морнар не се откажа за пет минути направи серија од 15-0 и изедначи на 47:47. Следуваше максимално изедначена четврта четвртина, на девет секунди до крајот при 69:69 одговорноста ја презема Александар Костоски, кој погоди на три секунди до крајот и не остави време за противникот. Ивица Димчевски беше најдобар стрелец со 26 поени, на Урош Луковиќ му недостасуваше само една блокада за трипл-дабл, го заврши мечот со импресивни 15 поени, 16 скока и 9 блокади. (М.К.)
|