16.10.2012, 18:02 Работнички потпиша со Шарпер
Работнички целосно го комплетира својот ростер пред стартот на новата кошаркарска сезона. Маките на Марјан Лазовски по повредата на Димитар Мираковски завршија - во текот на наредните 12 месеци црвено-белиот дрес ќе го носи Џон Шарпер (186 см). По неколкудневен тренажен процес, Американецот успеа да докаже дека токму тој е вистинското решение за плејмејкерската позиција. Шарпер има настапувано во Израел, Украина, Кипар и Швајцарија.
„Шарпер покажа дека е квалитетен кошаркар, знае да одговори и на плејмејкерската, но и не бековската позиција. Се работи за искусен играч, кој настапувал во Европа, токму поради ова нема да има проблем во однос на адаптацијата“, потврди стратегот на Работнички, Марјан Лазовски, кој заедно со управата и играчите ќе имаат за задача да го вратат стариот сјај на најтрофејниот македонски колектив.
Пред неколку дена „црвено-белите“ ги потпишаа и Синиша Аврамовски и Амоне Емоке со што ги затворија сите проблематични празнини во составот. Во првото коло закажано за овој викенд Работнички ќе му гостува на Кожув. (М.К.) |