15.10.2012, 12:03 Српски хулигани најавуваат тепачки пред натпреварот Македонија - Србија
Информацијата ја објави српски „Курир“ повикувајќи се на извори блиски до навивачите на Црвена Ѕвезда и Партизан
Хулигани, навивачи на двата најголеми српски клуба, ќе го искористат гостувањето на националниот тим во Скопје за пресметка со Албанци, објави српски „Курир“ повикувајќи се на извори блиски до навивачите на Црвена Ѕвезда и Партизан.
Околу 300 хулигани познати по правење инциденти ќе тргнат кон Скопје со автомобили и комби возила во сопствена режија со цел, како што велат, да се „пресметаат со скопски Албанци (Шиптари)“.
- Ќе бидеме околу 300, а ќе имаме поддршка и од локални навивачи на Ѕвезда и Партизан. Подготвуваме големо изненадување за Албанците во Скопје. Добро ќе не запаметат, а цел ни е да ги претепаме низ градот. Бидејќи не одиме организирано, мислам дека без проблеми ќе стасаме до Скопје, но и во некои попатни места во кои живеат голем број Албанци, вели еден од белградските хулигани.
Натпреварот во Скопје меѓу Македонија и Србија се игра вечерва во 20.30 часот. |