22.10.2012, 14:31 (ФОТО) Дивеење на хулиганите во „Морача“
Поради судирот меѓу навивачите, во кој беа повредени 16 лица, дуелот меѓу Будуќност и Партизан почна со задоцнување од половина час
Петтото коло во АБА Јадранската лига за жал нема да биде запаметено по крајните резултати и неизвесните дуели, туку по хаосниот инцидент во Подгорица. Поради пресметка меѓу двете навивачки групи, дуелот помеѓу Будуќност и Партизан стартуваше половина час подоцна. Имено пред самиот почеток на натпреварот неколкумина навивачи на домашниот тим влегле на теренот, фрлајќи столчиња кон „гробарите“, кои не останале мирни, туку одговориле со иста метка. В�� салата „Морача“ летале петарди, факели и разни тврди предмети, а се слушале и пукотници од петарди.
Црногорската полиција веднаш реагирала, но немилите сцени продолжиле. По долга борба лицата задолжени за редот и мирот едвај прво го испразниле делот на тирбината со гостински навивачи, а потоа и со домашните навивачи „варвари“, кои според српските медиуми биле виновни за хаосот во Подгорица. Во инцидентот имало 16 повредени лица, меѓу кои тројца полицајци.
Спортскиот директор на АБА-лигата, Јосип Билиќ, најави казни за случувањата во „Морача“.
„Сигурно ќе бидат казнети, го чекам службениот извештај. Откако ќе го добијам, ќе одлучам дали ќе ни бидат потреби дополнителни изјави од организаторот, делегатот и првиот судија. Она што е сигурно е дека казните нема да бидат изречени до среда. Инаку го гледав мечот, од она што можев да видам е дека судиите и полицијата постапија правилно.
Откако хаосот бил целосно смирен, натпреварот започнал, а гостите од Белград без проблем славеа со убедливи 81:62.
Во останатите средби Цибона на домашен терен го совлада Задар со 90:81, а додека Широки беше подобар од Крка (73:68).
Петото коло беше комплетирано доцна синоќа со дуелот помеѓу Унион Олимпија и Цедевита за кого настапуваат Владо Илиевски и Маркиз Грин. (М.К.)
МЗТ Скопје падна на 11. место
По третиот пораз, македонскиот шампион МЗТ Скопје забележа пад на табелата во АБА-лигата. Александар Тодоров и неговите кошаркари се најдоа на 11. место, иако имаат седум бода, колку и Цедевита, Унион Олимпија, Цибона, Раднички, Будуќност и Широки, но поради послабиот скор паднаа пет места подолу.
Лидер на табелата со максимални десет бода е Игокеа, единствениот тим без пораз.
Во наредното шесто коло „металците“ ја пречекуваат Црвена звезда, а билетите ќе бидат со иста цена од 100 и 150 денари. (М.К.)
Резултати од петтото коло: Будуќност - Партизан 81:62, Цибона - Задар 90:81, Широки - Крка 73:68, Црвена звезда - Игокеа 75:76, Раднички - Шолнок 97:72, Сплит - МЗТ Скопје 73:65.
Табела: Игокеа 10, Партизан 9, Крка 8, Сплит 8, Цедевита 7 (-1), У.Олимпија 7 (-1), Цибона 7, Раднички 7, Будуќност 7, Широки 7, МЗТ Скопје 7, Црвена Звезда 6, Задар 6, Шолнок 6.
Идно коло (27/28/29 октомври): МЗТ Скопје - Црвена звезда, Шолнок - Сплит, Крка - Будуќност, Цибона - Широки, Партизан - Раднички, Цедевита - Задар, Игокеа - У. Олимпија.
|