18.10.2012, 12:02 Се заострува реториката меѓу Обама и Ромни
Претседателот Барак Обама и неговиот противкандидат Мит Ромни продолжија да се напаѓаат, по прашањата кои ги отворија во дебатата во вторникот.
Обама го критикуваше планот на Ромни од пет точки за обнова на економијата.
- Ромни нема план со пет точки, тој има план со една точка – дека луѓето кои се на врвот треба да играат според нивни правила, изјави претседателот, кој вчера имаше митинг во Охајо, а потоа посетата ја продолжи во Ајова.
Противкандидатот Ромни имаше митинзи во Вирџинија, од каде го обвини претседателот Обама дека се` уште не претставил агенда за тоа што планира да направи во следните чет��ри години, иако му преостанува само уште една дебата и уште три недели до изборите.
Ромни предупреди дека, со сегашното темпо на задолжување, доколку Обама биде реизбран, на крајот на неговиот втор мандат САД ќе должат 20 трилиони долари.
- Со тоа ќе го урнеме американскиот сон за следните генерации. Јас не сакам да ја трансформирам Америка во нешто што нема да го препознаеме. Не сакам да ја направам Америка како Европа, општество водено од Владата. Јас сакам на Америка да и ја вратам слободата, која ја движи нашата економија. Нашата економија се води од слободата, од личната слобода, од луѓе кои одат по своите соништа, изјави Ромни на митингот во градот Лизбург во Вирџинија.
Сојузните држави како Охајо, Вирџинија и Ајова, каде силите на Обама и на Ромни се блиску изедначени, се решавачки во претседателската трка. Обама имаше водство во повеќето од овие решавачки држави, но по првата дебата, во која Обама имаше блед настап, Ромни успеа да ја изедначи трката.
Втората дебата беше многу поборбена, и во неа двајцата кандидати ја заострија реториката, што се пренесе и на митинзите по дебатата. Обама во Ајова го прикажа Ромни како кандидат на богатите, кој не се грижи за средната и ниската класа.
- Луѓе како него плаќаат помалку данок од вас, граѓаните. Користат сметки во банки во странство. Ќе инвестираат во компанија, ќе ја банкротираат, ќе ги пренесат работните места во странство и заработуваат од тоа, изјави Обама.
Новинарот Глен Труш неодамна објави книга во која, врз основа на разговори со блиски советници на претседателот, тврди дека Обама чувствува силна нетрпеливост кон Ромни, за разлика од другите републикански политичари со кои се соочил, како противкандидатот од 2008 година, сенаторот Џон Мекејн.
На своите настапи, Ромни го прикажува Обама како добар човек, но неспособен за претседател. Сепак, на митингот во Лизбург на сцената се појави комичарот и радио водител Денис Милер, познат по остриот јазик, кој воопшто не го штедеше претседателот Обама.
- Имам пријатели кои гласале за Обама, и денес се срамат да го признаат тоа. Зборуваат за како да е срамно нешто, како да им се случило да се напијат апчиња, се изгубат, и се разбудат голи на улица, рече Милер.
Но, најдалеку отиде Енди Григс, кантри музичар кој свиреше на отворањето на митингот на Ромни. Тој отворено праша дали Обама е христијанин, велејќи „знам дека Мит Ромни се моли на истиот Господ како и јас, што не може со сигурност да се каже за оној другиот“. |