18.10.2012, 14:59 Адеми: ЕК забележа недоволно инвестиции во животната средина
Значаен напредок во усогласувањето на законодавството со европското во сите области во животната средина, недоволно инвестиции на ова поле и потребата од зајакнување на административните капацитети на национално и локално ниво се главните забелешки во Избештајот на Европската комисија во Поглавјето 27.
Во Извештајот, како што информира денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, забележан е прогрес во управувањето со воздухот, природата и хемикалиите, но и во повеќе аспекти во управувањето со отпадот.
- Во иднина треба да посветиме внимание во постапките за издавање интегрирани еколошки дозволи, како и во областа на водите и бучавата. Недоволното инвестирање во животната средина и потребата од зајакнување на администрацијата има влијание и врз спроведуавње на законодавството што претставува пречка за преземање поголеми активности и спроведување инвестиции, рече Адеми.
Со донесувањето на Националната стратегија за води, во септември годинава, додаде тој, се надмина еден од недостатоците утврдени во Извештајот.
Во однос на капацитетите, ресорниот министер смета дека состојбата може да се надмине преку зголемување на бројот на вработени кои ќе делуваат во областа на животната средина како во Министерството, така и во единиците на локалната самоуправа.
- Зголемувањето на инвестициите ќе го обезбедиме преку поефикасно искористување на средствата од ИПА, особено Компонентата 3, која се однесува на директни инвестиции, но и од меѓународните организации и билатералната соработка со повеќе држави, истакна министерот.
Приоритет за Министерството, според Адеми, ќе биде обезбедување на поуспешно спроведување на законодавството, особено во делот на управување со отпадот, водите, интегрираното спречување и контрола на загадувањето, заштита на природата и климатските промени, како и соработката со локалната самоуправа.
Тој го најави проектот за зајакнување на капацитетите на локално ниво за управување со животната средина, кој треба да почне до септември идната година со финансиска поддршка од ИПА, а ќе се спроведе во девет пилот општини.
|