20.10.2012, 11:25 Иванов очекува Македонија во декември да добие датум за преговори
Во врска со придавката „македонски“ која годинава се врати во извештајот на ЕК, претседателот посочува дека не е апсолутно задоволен, но, подвлекува, дека не може да се негира дека е постигнат напредок
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов очекува на Самитот на ЕУ во декември европските лидери да одредат датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата.
- Ние четири години располагаме со оправдани аргументи за почеток на преговори и четири години чекаме шанса за нешто кое сами го заслуживме. Се надевам дека европските лидери годинава конечно ќе ги уважат овие четири последователни препораки и ќе поддржат просперитет и развој на нашата држава, наместо да се солидаризираат со една земја членка која ни прави проблеми нам и на целиот регион, вели македонскиот претседател во интервју за неделниот магазин Граѓански.
- Убеден сум дека никому не е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој всушност создава заеднички придобивки, вели претседателот Иванов кој додава дека со оглед на досегашното искуство со нашиот јужен сосед, не би сакал да прејудицира каков би бил исходот.
Во врска со придавката „македонски“ која годинава се врати во извештајот на ЕК, Иванов посочува дека не е апсолутно задоволен, но, подвлекува, дека не може да се негира дека е постигнат напредок.
- Европската комисија покажа доблест да ја поправи грешката и да ја спроведе практиката на Обединетите нации, макар што тоа го стори на прилично соломонски начин. За мене не е оправдана ваквата селективна употреба, но е разбирлива, со оглед на фактот дека до последен момент Комисијата беше под силен притисок, во извештајот воопшто да не биде спомената придавката „македонски“. Како што и претходно кажав, секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по кој било дел од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории, за кои не може да правите компромис со никого, рече Иванов.
|