18.10.2012, 11:15 Двегодишно дете заболено од западнонилска треска
Кај двегодишно дете лабораториски е потврдено дека е инфицирано од вирусот Западен Нил, соопшти Секторот за контрола и превенција на заразни болести при Институт за јавно здравје.
Заклучно со 14 октомври, во Република Македонија се евидентирани 7 заболени од вирусот Западен Нил, од кои тројца починале.
Заболувањата биле со различна манифестација на клиничката слика, при што кај четири заболени лица е регистрирана тешка невроинвазивна форма на болеста (енцефалитис, менингитис), додека тројца немале мозочно засегање и болеста се манифестирала како Западнонилска треска. Само еден случај на ин��екција е пријавен во октомври, а останатите се регистрирани во текот на септември.
Најголем број од заболените (4) се од Скопје, а по еден е од Крушево, Битола и Куманово.
Две починати лица биле на возраст од 53 и 83 години и имале други хронични заболувања во својата медицинска историја, а третото е 2,5 годишно дете, без претходен коморбидитет.
Освен едно заболено лице кое има историја на повеќе еднодневни патувања во соседна Грција, останатите не дале податок за патување/престој надвор од Македонија во критичниот период на заразување.
Сите пријавени случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил се лабораториски докажани во вирусолошката лабораторија при ИЈЗ – Скопје. |