20.10.2012, 11:04 Рикер: Спорот за името не може да се реши со притисок на САД
Aмериканскиот помошник државен секретар ги поздрави препораките на ЕК за отворање на преговорите
Американскиот помошник државен секретар Филип Рикер го поздрави напредокот на Македонија во дијалогот со Европската Унија и препораката за отворање на преговорите.
Тој ги повика Македонија и Грција да бидат активни во надминување на спорот, велејќи дека со тоа веднаш ќе се отвори поканата за членство во НАТО.
На средбата со новинарите од балканските земји во Вашингтон, јави дописникот на МИА, Рикер оцени дека си��е земји од Југоисточна Европа, кои имаат желба да се интегрираат во НАТО и во Европската Унија, треба да ја имаат таа можност, и САД ќе ги поддржува во тоа.
- Ние ги поддржуваме македонските евроатлански аспирации. Никој не сторил повеќе да ја подготви Македонија и да ја насочи на овој пат. Како што и НАТО оцени, Македонија е подготвена да и се упати покана за членство. Силно ја поддржуваме во овие напори и продолжуваме да ги повикуваме и Македонија и Грција да најдат начин да одат напред. Во текот на многу, многу години сме давале идеи и предлози за тоа како сметаме дека земјите треба да одат напред, но на крајот на нив е да го сторат тоа. Нашата порака останува иста, постојана, дека Атина и Скопје треба да најдат решение што е можно поскоро. Неопходен е активен ангажман. Обединетите нации ги нудат добрите услуги на амбасадорот Нимиц. Тоа е процес во тек, да се разреши ова прашање, што ќе и дозволи на Македонија веднаш да добие покана за членство во НАТО, изјави Рикер, кој беше прашан за наводите во грчкиот печат дека САД вршат притисок врз Грција за брзо разрешување на спорот.
Рикер воедно го поздрави дијалогот на високо ниво меѓу Македонија и Европската Унија и препораката на Европската Комисија дека Македонија е подготвена за отпочнување на преговорите за членство, велејќи дека САД стојат зад таа препорака од првиот пат кога беше дадена.
На прашањето за влијанието на растечкиот грчки национализам и грчката економска криза врз преговорите за името, Рикер оцени дека решение за спорот за името е можно, со добра волја и посветеност на двете страни и тоа без да се навлегува во прашањата на идентитетот.
- Двете земји можат да седнат и да го разрешат ова. Ако погледнете со кои прашања се соочени светот и регионот, како и економските предизвици со кои сме соочени, тие можат да бидат надминати, и се надминуваат, со посветеност, со фокусираност на изнаоѓање на решенија. Компромисот не е лош збор. Тој не мора да содржи езотерични концепти на идентитет, и нашата позиција останува иста. Јас лично сум зборувал и низ годините, сме изнесувале разни опции и можност и сме нуделе помош и поддршка на двете страни. Останува да има дијалог, да се најде решение, изјави Рикер, додавајќи дека одлуката не може да се постигне со американски или друг надворешен притисок.
На прашањето за односите во владеачката коалиција во Македонија, со законот за посебните права на бранителите и за случајот Слупчане, Рикер оцени дека Македонија е успешен пример за помирување по конфликтна состојба и за користење на етничката разновидност како предност, а не слабост на општеството.
- Меѓуетничките тензии не се јавуваат само во Македонија, нив ги има насекаде во светот. Ние во САД ја користиме нашата разновидност како сила за да ги надминеме овие прашања и минатите конфликти. Мислам дека во целина Македонија тоа успешно го прави. Помирувањето е многу важен концепт, зборував за тоа кога бев во Македонија неодамна, и кога служев во Македонија со години. Имав можност да се видам со претседателот Иванов во Њујорк. Тој е лидер кој се залага за одење напред, за интегрирање на сите луѓе од земјата, и тоа да биде сила на Македонија. Тоа го признаваме и мислам дека сите знаеме дека политичките водачи и граѓаните можат да ги надминат овие предизвици, оцени Рикер
|