18.10.2012, 09:18 Почнува Глобалниот инвестициски самит во Охрид
Зајакнување на соработката меѓу домашниот бизнис и дијаспората од целиот свет е целта на Глобалниот инвестициски самит што денеска почнува во Охрид, во организација на „Македонија 2025“.
Мотото на Самитот, на кој ќе има над 200 учесници, е „Нови можности: Преку бизнис дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“.
На пленарните сесии и работни панели ќе учествуваат бизнисмени од Македонија и од дијаспората кои имаат желба за инвестирање во Македонија, владини претставници и бизнис лидери на познати меѓународни компании. Меѓу учесниците се истакнати менаџери на светски реномирани компании, како Нокиа-Сименс Нетворкс, Рајфајзен Банка. Ќе учестува и претседателот на Одборот на организацијата „Македонија 2025“ и висок советник во Блекстоун Груп од САД Мајк Зафировски, Џон Битов, мнозински сопственик на Обелиск од Канада и член на Одборот на „Македонија 2025“, Роберт Арсов, директор на дивизијата за инвестициско банкарство на Кредит Свис и член на Одборот на „Македонија 2025“.
Учесниците ќе дискутираат за глобалните економско-политички перспективи, условите за водење бизнис во Македонија, инвестициската клима во Македонија, искуства од постоечките странски директни инвестиции, глобално конкурентни македонски производи и услуги, успешни модели на деловна соработка, финансирање на инвестициите и извозот, од микро-финансирање до капитални финансиски инвестиции, како и соработката со дијаспората во насока на создавање економски можности.
Идентификувани се неколку конкуретни сектори од кои се очекуваат учесници како инфраструктура, енергетски и природни ресурси, информатичко-компјутерски технологии, производство и индустриски гранки, агробизнис и преработка на храна, недвижности, градежништво и туризам и финансиски услуги.
Заклучоците кои ќе произлезат од Самитот ќе содржат препораки и очекувања од врвните бизнис лидери од Македонија и дијаспората чија цел ќе биде да се поддржат, поттикнат и унапредат напорите за инвестирање во земјава.
Организацијата „Македонија 2025“ е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана од страна на угледни членови на македонската дијаспора. Својата канцеларија во Скопје организацијата ја отвори во 2011 година. Посветена е на позиционирање на Македонија како преферирана дестинација за директни странски вложувања, промовирање на транспарентно управување и корпоративни практики, креирање на просперитетна клима за претприемаштво. |