19.10.2012, 12:38 Клучното прашaње е како да се воспостави економски раст
Д-р Срѓан Керим беше еден од првите панелисти на Глобалниот инвестициски самит во Охрид
ОХРИД - Д-р Срѓан Керим, претседател на Управниот одбор на МПМ и претседавач со 62. Генерално собрание на ОН, беше еден од првите панелисти на Глобалниот инвестициски самит. Тој ги поддржа напорите на Македонија 2025 да се воспостави цврста врска меѓу дијаспората, економските политики и инвестициската стратегија на македонската Влада. Според д-р Керим, недостигот на инвестиции од страна на дијаспората во изминатите 20 години главно е последица на недостигот на доверба во ��кономските услови и деловното опкружување во Македонија.
„И додека дознаките достигнаа 735 милиони американски долари во текот на првата половина на оваа година, странските директни инвестиции беа само 73 милиони долари“, изјави д-р Керим.
Тој смета дека еден од главните домашни приоритети е да се воспостават силни, стабилни и доверливи локални бизнис партнери, кои ќе работат на заеднички вложувања со странски инвеститори.
„Ако успееме да ја постигнеме оваа цел, тогаш јас сум убеден дека прогнозите за економскиот раст и развој на Македонија до 2025 година ќе бидат точни и позитивни“, нагласи д-р Керим.
На глобално ниво тој клучното прашање го лоцираше околу механизмите за воспоставување економски раст, а според него, тоа подразбира преземање на три главни чекори.
„Покрај контролирањето на дефицитите, земјите кои позајмуваат ќе мора да донесат убедливи структурни реформи. Ова особено значи дека ќе треба да се зголеми флексибилноста на пазарите на труд. Силните економии на северниот дел на Европа, особено Германија, мора на некое време да запрат со фокусирање на намалување на дефицитот и да генерираат повеќе трошење и инфлација. Поинаку кажано, да купуваат од прекумерно задолежените земји повеќе добра и услуги, отколку нивни долгови. Конечно, еврозоната треба да продолжи да работи на програма на поттици за целиот континент. Тоа значи дека Европската централна банка треба да го стимулира стопанството преку квантитативно олеснување, а европските земји треба здружено да издадат таканаречени проектни обврзници, насочени кон подигнување на трошењето во инфраструктурата“, порача д-р Керим.
Во неговото излагање на Глобалниот инвестициски самит, тој истакна дека е неблагодарно во време на криза да се даваат прогнози.
„Метеореолозите и економистите имаат нешто заедничко. И едните и другите постојано се занимаваат со прогнозирање. Резултатот и во обата случаја е истиот. Тие главно не успеваат во своите прогнози во полза на луѓето“, рече д-р Керим.
Цитирајќи го Фред Брегстен, пак, еден од највидните американски експерти, д-р Керим верува дека Европа ќе исплива од своето тековно превирање, не само со неповредено евро, туку и со посилни институции и далеку подобри економски изгледи за иднината. (С.М.)
|