20.10.2012, 11:10 Втор ден од Глобалниот инвестициски самит во Охрид
Ангажирање на дијаспората за создавање економски можности, успешни бизнис модели на соработка, како и финансирањето на инвестиции и извоз од микро финансирање до финансирање капитални инвестиции се темите на кои ќе се дискутира на денешниот втор ден од Глобалниот инвестициски форум што се одржува во Охрид во организација на Македонија 2025.
На крајот на денешниот ден ќе бидат соопштени и заклучоците и препораките со кои ќе се поддржат, поттикнат и унапредат напорите за инвестирање во земјава.
Досега дијаспората не е присутна со инвестиции во земјава, но беше логистика во напорите на Владата ��а воспоставување контакти со компании кои сакаат да инвестираат во земјава. Сега најави конкретна поддршка преку формирање Фонд за инвестиции СЕАФ Македонија. Покрај инвестирањето членовите на Македонија 2025, кои се група успешни претприемачи и извршни директори на светски бизниси кои имаат македонски корени и живеат во САД, Канада, Европа и Австралија, ќе им нудт и менторства и пристап до пазарите на македонските претприемачи.
- Ова е прв фонд од ваков тип каде дијаспората е катализаторот и водечки инвеститор кој става акцент на татковината и на регионот. Со огромно задоволство ќе соработуваме со СЕАФ со цел да направиме еден успешен фонд и да го трасираме патот за нови фондови. Нашиот одбор на директори е воодушевен од идејата да му помогне на СЕАФ во развојот на бизнис лидери и успешни бизниси во Македонија, како и да им овозможи пристап до нашата глобална мрежа на бизнис врски, истакна Мајк Зафировски, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025.
Целта на форумот, на кој присуствуваат над 350 учесници е зајакнување на соработката на домашниот бизнис и дијаспората од целиот свет. Официјално го отвори вчера премиерот Никола Груевски, повикувајќи ги присутните дека секоја нивна помош и поддршка и идеја е добредојдена во напорите на Владата во привлекување странски инвестиции. На отворањето се обратија и претседателот на Одборот на директори на Македонија 2025 Мајк Зафировси и директорот на Самитот Зоран Мартиновски. Учесниците изразија задоволство од вкупните макроекономски резултати, економските политики на Владата.
|