17.10.2012, 16:26 Скопјанец заработил 2,5 милиони евра, фармацевт со бруто-плата од 92 илјади евра
Најголем дел од парите - 2,3 милиони евра анонимниот граѓанин од главниот град ги остварил од повремено вршење услуги
Дури 2,5 милиони евра минатата година заработил извесен скопјанец, што е највисок остварен вкупен годишен бруто-приход во земјава. Најголемиот дел, дури 2,3 милиони евра, овој човек го инкасирал од „повремено вршење услуги по претходно склучен договор“, што значи дека соработувал со одредена компанија или компании за кои вршел услуги, а не бил постојано вработен во нив, и за своето посредништво остварил прилично солидна заработувачка. Другите околу 200 илјади евра скопскиот „среќник“ ги заработил по други основи, можеби преку играње на Берза, а можеби преку издавање на својот стан или куќа.
Ова се единствените неколку детали што традиционално можат да се дознаат од Управата за јавни приходи, која денеска ги објави анализите на годишните даночни пријави што биле поднесени за 2011 година. Имиња и презимиња на граѓани што добро им оди вообичаено нема, ниту УЈП има намера да ги објави. Даночните власти објаснуваат дека личните податоци и висината на приходите се податоци кои согласно со законот имаат третман на „даночна тајна“. „УЈП во ниеден момент нема да излезе со лични податоци за граѓаните што оствариле највисоки приходи или имале највисоки плати. Ниедна даночна администрација во светот нема да ви обелодени кој колку приходи остварил и да ви каже како ги направил парите, бидејќи така ќе ви го даде рецептот како се збогатил. Ние не сме ’Форбс‘“, рече директорот на УЈП, Горан Трајковски.
Анализите на УЈП покажале дека скопјаните во 2011 година најдобро заработувале и десетте најголеми заработувачки биле остварени во главниот град. Покрај успешниот, чиј приход е 2,5 милиони евра или 156 милиони денари, уште тројца негови сограѓани лани пријавиле годишни приходи над 100 милиони денари. (Н.Н.Ф.)
|