18.10.2012, 13:44 Платен убиец избега од затвор
Озлогласениот Њилдет Мечкаи (34), платен убиец од Албанија, осуден и за грабнување во воениот конфликт во 2001 година, е повторно на слобода. Тој успеа да му побегне на затворскиот чувар, кој требаше да го обезбедува во Арестантското одделение на Клиничкиот центар во Скопје. Осуденикот побегна на 16 месеци пред да дослужувањето на затворската казна од девет години и десет месеци.
Според информациите од Управата за извршување санкции, Мечкаи бил опериран од кила. Искористил погоден момент, го нападнал и онеспособил чуварот, по што побегнал. Неофицијално, осуденикот побегнал со моторцикл, но нејасно е дали го украл или, пак, бил оставен за него. ��о полицијата велат дека кај нив не била пријавена кражба на моторцикл.
Во МВР го потврдуваат бегството, по Мечкаи е распишана потерница.
Од Управата соопштуваат дека Мечкаи е осуден на 9 години и 10 месеци затвор за „убиство“ и за „грабнување“.
„Казната ја издржува во ‘ Идризово‘ од 04.01.2005 година, а му истекува на 04.02.2014. Со одлука на претседателот , по повод 2. август, годинава, добил помилување на казната за девет месеци“, велат од Управата за санкции.
Постојат стравувања дека платениот убиец во земјава извршил голем број злосторства, но докажани се само мал дел. Конкретно, на четири години затвор беше осуден поради грабнување на тројца полициски инспектори за време на воениот конфликт. Тие беа киднапирани пред нивните семејни куќи, а потоа со комбе однесени во Шипковица и во Бродец, каде биле малтретирани и тепани. Мечкаи негираше, тврдеше дека во тој период бил во Грција, но неговата одбрана беше побиена со еден куп докази. Амнестија за Албанецот немаше, бидејќи е странски државјанин.
Претходно, Мечкаи беше уапсен поради убиство во обид на сопственикот на фотостудиото „Беќо“ во Скопје. Албанецот пукаше во бизнисменот, кој, возврати, па напаѓачот беше погоден во градите и во стомакот. Тогаш полицијата соопшпти дека Мечкаи бил познат извршител на кривични дела во својата земја, а во Македонија влегол илегално со цел да го убие газдата на „Беќо“. (Г.А.)
|