19.10.2012, 09:21 Над сто лица приведени по вчерашниот протест во Атина
Повеќе од 100 лица се приведени за време на вчерашните нереди во Атина што се случија во текот на генералниот штрајк.
Вкупно се приведени 107 лица, но само тројца се уапсени по различни обвиненија, додека другите се пуштени дома. Според официјални податоци, на вечерашниот протест во Атина учествувале околу 70 илјади луѓе, а четири илјади полицајци ги чувале министерствата и Парламентот. Во Солун демонстрирале 17 илјади луѓе.
Штрајкот го организираа двата водечки синдикати на јавниот сектор АДЕДУ и грчката конфедерација на синдикати на вработени во приватниот сектор ГСЕЕ. Ова беше втор генерален штрајк овој месец.
- На денот кога се одржува важен самит во Брисел, сакаме да им порачаме на лидерите на ЕУ дека е доста. Не можеме повеќе да издржиме. Ова не е достојно за Европа. Тоа е политика на експлоатација, профитери и кредитни ајкули, изјави генералниот секретар на АДЕДУ Илиас Илиопулос.
За време на вчерашните демонстрации од срцев удар почина еден 65-годишен Грк, а повредни се 16 луѓе. Претставници на Министерството за здравство соопштија дека тој бил донесен во болница, но оти реанимацијата не успеала. |