18.10.2012, 12:23 Во Македонија прв меѓународен камп за мобилни апликации
ПСМ Фондацијата со поддршка на Агенцијата за електронски комуникации во ноември ќе го организира Првиот меѓународен камп за мобилни апликации и бизниси во Македонија.
Кампот ќе се одржи од 30 ноември до 2 декември во Скопје, а се очекува да учествуваат околу 100 млади програмери и бизниси од Македонија, балканските земји и развиените европски држави, пред се скандинавските. Учесниците ќе имаат можност да формираат меѓународни партнерства и да бидат менторирани и поддржани од истакнати имиња од светската мобилна индустрија.
Како што соопшти на денешната прес-конференција Љупчо Деспотовски од ПСМ Инкубаторот потврдено е присуство на менторите Тим Џексон, коосновач на QXL и партнер на инвестициски фонд во Британија, Јохан Стил вон Холстен, коосновач на Mycube и еден од 50-те највлијателни луѓе во Шведска, Мајкл Гинберг, основач на мрежата на бизнис агели од гибралтар и Филип Кандал, коосновач на Skobbler, со над 3.000.000 корисници на мобилните апликации.
- Станува збор за тридневен настан на кој нема да се работи само на развој на мобилни апликации, туку ќе дојдат и спикери кои ќе говорат за тоа како од мобилните апликации да се направи бизнис, рече Деспотовски.
Тој додаде дека идејата е апликациите што ќе произлезат од кампот да бидат глобални.
- Сакаме да ги мотивираме луѓето да размислуваат надвор од границите на Македонија. Токму и затоа е идејата да се измешаат со луѓе од други земји. Постои можност за заеднички вложувања, заеднички компании кои би ги пласирале тие апликации надвор на глобалниот пазар, бидејќи ќе имаме инвеститори од надвор, некои од нив да процени доколку некоја од апликациите е интересна да инвестира во тие компании, појасни Деспотовски.
Според директорот на АЕК Роберт Ордановски, најдоброто на оваа инидијатива е што зад неа стојат млади луѓе кои се иднината и перспективата на Македонија. - ИКТ секторот, кој глобално е еден од најаките сектори, во Македонија преку оваа фондација создава услови тие млади инженери и млади компании да останат тука и тука да развиваат апликации кои ќе ги користиме ние, но и глобално. Свесни сме дека многу наши програмери развиваат програми за надвор, што значи во Македонија има потенцијал и треба да најдеме начин да го искористиме, истакна Ордановски.
Тој потенцира дека Агенцијата во своето портфолио има задача да овозможи развој на електронските комуникации и информатичкото општество, сектор кој придонесува со 6 проценти во БДП на РМ. Наша задача, посочи, е да го зголемат тој процент и да овозможат околина за развој на ИКТ секторот.
Финалето на тридневниот настан ќе биде презентација на прототип на мобилна апликација, каде еден или повеќе тимови ќе добијат можност за инвестициски удел во вредност од 50.000 евра од страна на Eleeven Startup Accelerator од Бугарија
|