Во Ѓорче Петров се слави првата титула на Македонија
За четири години фудбалерите на Македонија беа победници на Купот и ја освоија шампионската титула
Миодраг Мицковиќ
Требаше да се биде во неделата навечер во Ѓорче Петров по мечот меѓу Работнички и Македонија на која милениците од овој дел на Скопје славеа победа, минимална од 1:0, но заслужена со која за првпат ја освоија титулата - шампиони на Македонија во својата богата фудбалска историја. Речиси цело Ѓорче Петров беше на улиците, сите сакаат да ги пречекаат своите херои, да им го честитаат големиот успех, прославата и веселбата траеше до раните утрински часови. Фудбалерите на Македонија убедливо ја освоија титулата, на три кола пред крајот бидејќи имаат недостижни 10 бодови предност која може да биде и зголемена. Тоа најдобро говори како играа во годинашново првенство популарните „жолти“ од Ѓорче Петров предводени од младиот тренер Илчо Георгиевски и спонзорот, и наедно претседател на клубот, Благоја Николовски.
Сите признаваат дека Македонија во моментот е најорганизиран и најдобар клуб во нашата држава, со својата младинско-пионерска школа која ја посетуваат повеќе од 250 деца во сите категории за кои се грижат дури седум тренери на чело со координаторот на школата Боби Стојановски.
Во годинашново првенство фудбалерите на Македонија на досега 27 одиграни натпревари претрпеа само два пораза, и двата со по 1:0 во гости против Напредок и Милано. Забележаа 17 победи и осум нерешени игри. Држат и еден несекојдневен рекорд, на стадионот во Ѓорче Петров имаат примено само еден гол, и тоа од пенал на мечот со Силекс во 90 минута. За овој рекорд секако е најзаслужен голманот Бојан Павловиќ кој бранеше на сите 27 натпревари примајќи само 12 гола. По него е Милан Илиевски со 26, Амбурет со 24 и Милевски со 23 настапи.
Интересно е да се напише дека Македонија, кога овој клуб го презеде спонзорот Благоја Николовски во сезоната 2004/05, влезе во прволигашкото друштво преку бараж совладувајќи го Маџари со 2:1. Таа сезона Македонија беше трета во Втората лига. Речиси веќе по една прволигашка сезона „жолтите“ го постигнаа првиот успех, го освоија Купот на Македонија во 2006 година, во финалето беа поуспешни од Шкендија со 3:2. Играа и во купот на УЕФА, но на стартот беа елиминирани од Локомотив (Софија) со 1:1 и 0:2.
Наредната сезона се пласираа на третото место во Првата лига. Повторно добија шанса да играат во Европа, во Купот на УЕФА кога го минаа првото коло во мечевите со Акна Етникос од Кипар играјќи 2:0 и 0:0, но во следното коло беа поразени на два пати од бугарскиот прволигаш Черно Море со 0:4 и 0:3.
Може некој нема да поверува дека по овие последни успеси на Македонија во првата лига малку требаше минатата сезона да испаднат од прволигашкото друштво, во последен момент се спаси од бараж освојувајќи го седмото место.
Но, затоа пак ова беше блескава сезона, освоена шампионска титула, одличен тим со пет странци: Жорж Амбурет, репрезентативец на Габон, неговиот сонародник Кенди Попол, Нигериецот Оса, Бразилецот Де Брито и одличниот голман Србинот Бојан Павловиќ кој е позајмен од Црвена звезда и во клубот прават напори да остане уште една сезона, тоа го посакува и самиот Павловиќ.
Многумина мислеа дека со заминувањето на голгетерот, Бразилецот Вашингтон, Македонија ќе има проблеми да го сочува првото место на табелата по есенската сезона, но тие прогнози не беа на место. Беа ангажирани Николче Клечкаровски, Игор Кралевски и младиот Филип Спасовски , дојде и Попол од Габон, во првиот тим беа прекомандувани и често настапуваа младинците Даниел Анастасовски, Александар Бошковски, Фламур Таири, Никола Јакимовски, Јовица Столевски, Горан Силјановски, Ненад Јовановиќ, Иван Настевски, Филип Колечевски кои покажаа дека тренерот Георгиевски може сериозно да смета на нив за новата сезона, јасно со веќе стандардните првотимци: Милевски, Јовановски, Мојсов, Илиевски, Митрев, Брњачевски, Лена, Кралевски, Ивановски, Клечкаровски, Маџаровски, Симовски и јасно со петмината сегашни странци во тимот.
Македонија има сигурно најмлад стручен штаб во Првата лига предводен од Илчо Георгиевски, поранешен селектор на младата репрезентација, играчи до 19 години кому во работата му помагаат Добринчо Илиевски и Пејдоган Савилеци, во младинската школа работат Боби Стојковски, Звонко Златановски, Иво Несторовски, Страшо Змејковски, Патрик Поповски, Туш Зекиќ и Никола Георгиевски.
На крајот, да го спомнеме и раководниот тим на клубот кој се грижи за се'. Покрај претседателот Благоја Николовски тука се и потпретседателот Драги Мицковски, спортскиот директор Серафим Димовски, секретарот Драгољуб Пејчиќ и техничкиот директор Влатко Гашевски кои сигурно имаат големи заслуги за сите овие последни успеси на фудбалските херои од Ѓорче Петров. Тие се сигурно заслужни и за една ретко видена дисциплина на фудбалерите на овој тим кои убедливо водат на ранг листата на фер-плејот во лигата. На досега 27 одиграни натпревари фудбалерите на Македонија добиле само 57 жолти картони во просек по два на секој меч и два црвени картони.
|