Хамилтон во дебела сенка на Батон
Водечкиот во Шампионатот на Ф1- по пет трки има 32 поена повеќе од бранителот на титулата
Двајцата британски возачи во Формула 1 продолжија со заземањето спротивни краишта од спектрумот минатиот викенд кога Џенсон Батон додаде уште еден плус во својот старт од соништата додека Луис Хамилтон остана да се бори со кошмарот што изгледа како да нема крај за него сезонава. Браун ГП беше доминантен и во неделната трка во Барселона, па ако беше прифатен планот на Берни Еклстоун за доделување медали по урнек на олимпијадите Батон ќе беше на добар пат да ја обезбеди титулата пред паузата во август. Во петтата трка сезонава, Големата награда на Шпанија, 28-годишникот ја забележа својата четврта. Дури и според сегашниот систем на бодување, големи се шансите шампионатот да биде решен доста пред ноемвриското финале во Абу Даби.
Батон повторно освои повеќе поени во еден викенд од бранителот на титулата Хамилтон од Мекларен, кој заврши деветти. И покрај тоа што доби само половина од поените за својата победа во прекинатата трка поради дожд во Малезија, Британецот води кај возачите со 41 поен, 14 повеќе од тимскиот колега Рубенс Барикело, а Хамилтон е седми со само девет бода. Батон сам има освоено само 1,5 поен помалку од Ферари, Мекларен, Рено, БМВ Заубер, Вилијамс, Торо росо и Форс Индија заедно! Браун ГП, пак, има повеќе поени (68) од второпласираниот Ред бул (38,5) и Тојота (26,5) заедно.
„Сонот ни се оствари во досегашниот тек на сезоната“, изјави Батон по втората еден-два победа на Браун годинава. „Дури и кога изгледа тешко, способни сме да победиме. Кога оди - оди, нели? Така беше и лани. Кога тргна лошо, заврши навистина лошо. Навистина се чувствувам како да сум на врвот на светот во моментов“.
Првата трка во Европа сезонава малку придонесе за зголемување на самодовербата на страдалничката елита, која од своите претходни височини годинава тресна на земја. Браун е недофатлив, а Ред бул се' уште му е најблизок гонител. Шампионот Ферари покажа знаци на напредок, но и понатаму го мачи непостојаноста. Мекларен го нема никаде.
„Што да правам? Го оставив срцето на патеката, како и секогаш“, слегнува со рамената Хамилтон. „Едноставно, болидот не е добар. Срамота е што не ми дадоа болид со кој ќе можев да ја бранам титулата. Тој е толку лош. Безнадежен. Во моментов е сигурно дека немаме болид за освојување на првенството, иако тимот работи напорно и моралот е на високо ниво“.
Пешкирот практично го фрли во рингот и вицешампионот Фелипе Маса од Ферари, изјавувајќи дека Браун и Батон отидоа премногу напред за да бидат достигнати од Бразилецот и од неговиот тим, но тимскиот шеф на Мекларен, Мартин Витмарш, не прифаќа дека играта заврши.
„Ова беше многу тежок викенд, но има и некои позитивни страни“, изјави тој. „Ние ќе продолжиме да притискаме. Ние сме борци, ние сме возачи и ќе продолжиме да се бориме“. |