Поглед
Контролори за јавен линч
Снежана Калабакова
Колку граѓани ќе се откажат од услугите на ЈСП ако контролорите на претпријатието и натаму немилосрдно ги казнуваат чесните патници кои уредно си ги поништиле билетите?! Тие не се виновни зашто поништувачите не печатат добро, а токму оваа замка ја користат контролорите и казнуваат.
За жал, мотивот не е да се казнат непослушните, туку контролорите да си ги зголемат платите што им биле претходно намалени. Вака, демек, покажуваат дека многу работат. А, всушност, целта е да издејствуваат поголема месечна заработувачка.
Мавтаат со високи казни од 6.000 денари, а во најдобар случај патникот може да се извлече со 200 денари ако плати на самото место. Оние што еднаш настрадале и биле засрамени во полн автобус велат дека никогаш повеќе нема да влезат во автобус на ЈСП и да си дозволат таков јавен линч. Сега е ред на менаџментот на претпријатието сериозно да го разгледа ова прашање и најитно да го реши.
Во ЈСП знаат дека губењето патници значи и губење пари, кои сериозно му недостасуваат на претпријатието. Зошто е борбата за секој патник во трката со приватниците по скопските улици ако ароганцијата на контролорите ги брка патниците од автобусите? Зар кодексот на однесување важи само за граѓаните, а не и за возачите и за контролорите?
Што ќе им се на скопјани нови автобуси ако и во нив вработените во ова претпријатие продолжат со старите навики и лошиот однос спрема патниците. Кој да ги казни нивните возачите кога пушат во автобусите или, пак, во лето возат речиси полуголи и неуредни? Кој сега да ги казни и контролорите што се изживуваат со патниците? Веројатно самите граѓани, така што ќе се откажат од нивните услуги. |