Новинарството не е само бизнис
Што се случува на македонската медиумска сцена и како дојде до срамен пад на нашата професија
Ерол Ризаов
Само пред една година угледната меѓународна асоцијација „Репортери без граници“ ја рангираа Македонија во освојувањето на медиумските слободи на пристојно 34. место. Годинава во стилот на камикази се спуштивме меѓу државите со ригидни режими и со сериозни ограничувања на слободата на говорот, сместувајќи не' на 68. место во друштво со земјите каде што новинарите ги судат, затвораат и убиваат поради јавно изречените ставови. Секогаш кога ќе се појави вакво рангирање, се отвара дебата меѓу власта и опозицијата кој повеќе е виновен за тоа. Новинарите и уредниците влегуваат во истата политичка агенда, арбитрирајќи „за“ и „против“, фаќајќи ја страната на политичките партии. Притоа, најчесто заборавајќи ги сопствените професионални и етички стандарди. Македонското новинарство, како четврта власт, од поодамна се развласти, а сега гледаме директен пренос на завршниот удар.
Навистина, што се случи на македонската медиумска сцена за само една година и како дојде до вака драматичен и срамен пад на нашата професија. Ништо особено, освен што со задоцнување, сепак, стасаа последиците до светските асоцијации што се грижат за слободата на медиумите. Станува збор за трагичните последици кои веќе подолго беа присутни и добро познати во Македонија, а не се гледаа најдобро на меѓународната медиумска мапа. Тоа се несреќната медиумска сопственост. Спрегата меѓу политиката и македонските медиумски магнати. Непочитување на постојната законска регулатива. Законите во оваа област на очиглед на јавноста станаа неприменливи поради нивно масовно кршење и непочитување без никакви санкции. Се опструира донесувањето нови закони. Речиси целосно е ограничен прокламираниот слободен пристап до информации. Стана сосема јасно видлив силниот и отворен политички и економски притисок врз медиумите кој е присутен од поодамна. Под закрила и со финансиска поддршка на власта, се инсталираа таканаречени невладини институти што вршат секојдневна атака врз малкуте професионални и самостојни медиуми, наводно, за балансирано и објективно известување на активностите на партиите на власт и во опозиција, притоа изедначувајќи ја Владата со партиите и отворено залагајќи се за поеднаква одговорност на власта и на опозицијата за состојбите во општеството. Каде се чуло видело власта и опозицијата еднакво да бидат одговорни за сите случувања во државата. Во ова предничи провладиниот и вмровски Институт „Димитрие Чуповски“, кој врши отворен притисок врз медиумите, изедначувајќи ги критиките упатени на Владата со партијата ВМРО-ДПМНЕ. Медиумите што имале критички став кон Владата ги прогласува за необјективни.
Селективното рекламирање, главен извор за опстанок на медиумите, е толку присутен и вообичаен што веќе и не се коментира. Тоа во Македонија стана нормално, тоа е стара здодевна тема. „Како бе кај тебе да рекламирам кога ја напаѓаш Владата“. „Вие сакате со свој камен да удираме по своја глава“. Тие што ги изговараат овие реченици длабоко се убедени дека нема ништо пологично и поправедно од тој нивни став, иако немилосрдно трошат пари на граѓаните во медиумите што ги глорифицираат и фалат безмерно. Да му боктиса на човека. Не знам како премиерот Груевски не се провикне јавно - аман бездарници, престанете да ме браните. Ни ја расплакаа мајката во светот од „ќотек“ поради вас, полтрони низаедни.
Некаде со помал степен на демократски развој тоа би бил скандал без преседан. Владата и големите политички партии станаа главни и најголеми огласувачи во медиумите. Дури се отиде дотаму што се измислуваа непотребни и глупави медиумски кампањи само да се наплати поддршката на власта. Медиумите на напрегнатиот и мал пазар немаат поеднаков третман. Станува збор за повеќе десетици милиони евра, пари од буџетот, кои преку разни канали Владата ги исплаќа, главно, на најмоќните телевизии и неколку трошки на весниците апологети на власта. Тие што критички ја опсервираат власта не само што не можат да добијат ниту денар пари од буџетот, односно од парите на граѓаните, туку се изложени на опасност да не добијат пари од реклами, дури од компаниите традиционални огласувачи. И во приватните претпријатија е присутен притисокот да не се огласува во медиуми што ја критикуваат власта. Тие компании заедно со весниците и телевизиите по автоматизам јавно се прогласуваат за антивладини, антидржавни, непријателски, блиски на опозицијата.
Бев на одговорни позиции во новинарството и во претходниот и во новиот плурален повеќепартиски систем. Со мирна совест тврдам дека полош амбиент за новинарската професија немало откако работам како новинар. А тоа го работам без малку 35 години. Вакво лакејство, снисходливост, полтронство и отсуство на општествена одговорност не е забележана досега. Новинарството е бизнис, но не е само бизнис. Покрај деловната димензија, новинскиот бизнис има една силна општествена компонента што и сопствениците и новинарите ги прави исклучително одговорни за управување со моќното оружје со кое располагаат, а не смеат да го злоупотребат за лични, политички и деловни цели. За тоа е неопходно не само широка култура и лична храброст, туку и компетентност и препознатливост во јавноста како независни и угледни личности, кои во новинарството гледаат многу повеќе отколку само гол бизнис.
Главното и суштинско прашање е кој е виновен што ни се случува ова. Мојот директен ��дговор, се разбира, како лично мислење, е прво политиката и политичките елити кои не создадоа вистински демократски амбиент во целиот процес на македонската транзиција. Тие секогаш сакаат контролирано новинарство каде што ќе имаат пресудно влијание. Потоа лошата структура на медиумската сопственост за што, исто така, најголем дел од вината носи повторно политиката, која ги изгради спрегите со новопечените медиумски могули, а некаде и им овозможи со протекционизам и непочитување на законите да дојдат до сопственост на моќни медиуми.
За жал, не помалку од одговорноста носиме и самите ние уредниците и новинарите, бидејќи евидентно не покажавме поголема храброст и одважност во борбата за одбрана на професионалните позиции. Секаде во светот политиката и деловните кругови вршат притисок и наоѓаат патишта пресудно да влијаат на новинарите и уредувачките политики. Тоа е дел од нивната работа. Само во мал број земји со етаблирана демократија и силна медиумска традиција тоа добро функционира со силата на аргументите и широката комуникациска култура на јавноста. Но, на многу места и во развиениот свет беспоштедна е битката за влијание врз медиумите. Притоа, има и силни удари под појасот. Не победува секогаш вистината и правдата. Но, работа и обврска на новинарите и на новинарскиот еснаф да се изборат за силни заштитни механизми, да градат едуцираната јавност која мошне добро го разбира јазикот на комуникацијата и која е тешко да се манипулира и, што е најважно, знае да го казни грешникот со бојкот и силен интелектуален притисок.
|