17.01.2012, 16:10 Тандемoт што раѓа моќни песни
Калиопи и Ромео Грил се добитната комбинација, а „Црно и бело“ е композиција на храброст и емоција, потпишана од нив
Валентина Тодоровска
Веста дека нашата евровизиска претставничка Калиопи во мај во Азербејџан на музичкиот ТВ-спектакл во Баку ќе настапи со песната на Ромео Грил одекна како бомба. Како Калиопи се решила токму за авторскиот потпис на својот бивш сопруг, што и дали тоа нешто значи - интимно, која ќе биде задачата на Васил Зафирчев, исто така, бивш сопруг, и дали сите тие вибрации на композицијата ќе и' дадат дополнителна енергија, беа прашањата што сакавме да и' ги поставиме, но, за жал, останавме без одговори, ама со претпоставки. За организаторот, Македонската радио-телевизија, Калиопи изјави дека голема сатисфакција и' е што со песната „Црно и бело“ ќе покаже која е и од каде е. На каков начин ја воспитало поднебјето, како сочувствува, пее и постои...
За Калиопи се знае речиси се', нема тајни и мистификации што се чуваат во домашните ѕидови и се шушкаат во затворени кругови. Со години е незаменлива на музичката сцена, ама и како personality во светот на естрадата. Така во едно интервју за „Утрински“ ќе рече: „Музиката ми ги креираше патеките по кои се движев, зашто таа ми е императив, почеток и смислата во животот. Како и секогаш, поведена од сопствената интуиција, ги пронаоѓав луѓето и вистинското време, кога одредени нешта треба да ми се случат...“
Вчера беа неуспешни сите обиди да исконтактираме со неа и заеднички да се потсетиме на Ромео Грил како музичар. Се сеќавате - станува збор за композитор, аранжер и продуцент со кого Калиопи ја започна својата плодна и долгогодишна кариера. Велат - кога ќе се спојат емоциите и музиката, се раѓаат песни од кои минуваат морници. Искрени, длабоки и вистински! Од големата младешка љубов се родија најголемите и најпознатите хитови - „Бато“, „Кофер љубави“...
Со своите 20 кадифени години, Калиопи беше дел од групата и инспиративно дејствуваше и врз името на бендот наречен по неа. Својата биографија овој музички тандем ја пишува настапувајќи на фестивали, а песните - „Томи“ и „Немој да ме будиш“ останаа снимени за Македонското радио. Потоа се случи хитот „Лео“ на Григор Копров со кој во 1985 година на популарниот фестивал во Опатија групата беше забележана од новинарите кои им ја доделија наградата за интерпретација. Со „Лето је авантура“ се пласираат на второто место на Интернационалниот медитерански фестивал во Тунис, што ги подгрева плановите за создавањето албум-првенче. Тоа се случува 1986 година, а истата година учествуваат и на Сплитскиот фестивал со „Да море зна“, а „Остани во мене“ е уште една наградена песна - на видеоспот фестивалот.
Калиопи за музиката на Ромео секогаш имала пофални зборови, ама за емоциите никогаш не зборувала многу. Го забележавме ова во „Утрински“:
Во прошетка низ твојот живот, заклучокот дека со Ромео Грил ги урна сите предрасуди ме наведува да те прашам дали секогаш си борец? Што правиш кога ќе ти снема „муниција“?
„Да, секогаш сум била борец, дури и кога сум знаела дека ќе изгубам, но сум се борела докрај. Што се однесува до муницијата, знам само дека никогаш не сум се борела со туѓи куршуми, па и по цена да бидам ’убиена‘“...
Следната 1987 година е многу важна за овој бенд - најмногу поради појавувањето на албумот „Роѓени“ од каде што е и истоимениот хит попознат како „Бато“, кој на Калиопи и' стана нешто како лична карта. Така, за соработка се отвори целиот екс ЈУ-простор, многу настапи, турнеи, па и низ тогашниот Советски Сојуз. Овој период од кариерата на Калиопи беше обележан со многубројни награди, меѓу кои: награда „Млад борец“ (1986), награда на „Вечер“ за најпопуларно ТВ-лице (1986), награда на „Нова Македонија“ за најдобар изведувач (1986), награда на „Екран“ за најдобар поп-пејач во СФРЈ и Македонија (1986) и други.
Кога беа најпопуларни, на самиот врв на тогашната кариера Калиопи и Ромео се решаваат на еден интересен чекор, а тоа е да заминат за Швајцарија, по што следува 10-годишната музичка пауза.
„Со бившиот сопруг и синот отидовме во Швајцарија каде што живеат неговите родители, затоа што таму планиравме нов почеток. И не претпоставував дека толку ќе ми недостига Македонија, пријателите музиката. Но, во таа криза се најдов себе си...“
По враќањето во Македонија, Калиопи ја започнува соло-кариерата, со албумот „Обои ме“, каде што Ромео Грил е потписник на сите песни, сеедно во кој контекст, како композитор или аранжер. Всушност, тоа е заеднички албум со Калиопи што наиде на фантастичен прием кај публиката што резултираше во златни тиражи. И така.
По музичката пауза од 13 години, тие двајцата, Калиопи и Ромео, повторно соработуваат. Евровизиската песна „Црно и бело“ ја има неговата музика, а нејзиниот текст. Ромео Грил, кој живее и работи во Швајцарија, к��де што и ја постави основата на песната, е во Скопје, полн со добри вибрации за создавање квалитетно музичко дело.
„Мислам дека во оваа песна се соединети работи кои имаат значајни обележја, како што се храброста, емотивноста и скромноста. Само на тој начин можеме да бидеме симпатични. А, она што мене, како автор, ми е најбитно и што знам дека во Баку секој Македонец ќе биде горд, бидејќи Македонија е една малечка земја и една малечка солза во окото“.
До крајот на неделата во студиото М-1 на МРТ интензивно ќе се работи на „Црно и бело“. Како што ни рече Мери Попова, шефица на евровизиската делегација, атмосферата на снимањето е фантастична, целата песна изгледа многу моќно, а текстот е преубав. Всушност, аранжманското решение ќе и' даде белег на композицијата, на тоа дали ќе биде тивка или нешто подинамична. Мастерингот на песната понатаму ќе се работи во Германија, а кон крајот на февруари МТВ ќе организира големо шоу кога ќе можеме да ја чуеме „Црно и бело“.
Веруваме дека и двајцата си остануваат доследни на потенцијалот што го имаат и дека за Азербеџан, на 57. Евровизиски фестивал, ќе слушнеме песна која долго ќе се памети. |