06.03.2012, 14:42 Полицијата ги засилува уличните патроли
Полициските станици „Карпош“, „Гази баба“ и „Кисела Вода“ ќе бидат дежурни и ќе работат 24 часа дневно. Освен тоа, се засилуваат полициските патроли, па припадниците на МВР ќе бидат почесто на скопските улици. Ова се новитетите што ги соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска при денешната посета на СВР Скопје. Според проценките, со овие измени, кој би требало да заживеат во следните три месеци, за околу 50 проценти ќе го зголеми присуството на полицијата на терен. Ваквата реорганизација, според надлежните, е одговор на континуираното барање од граѓаните за враќање на т.н. позорникари.
„Ќе се овозможи полициските патроли да бидат подготвени за брз одговор. Тоа значи дека полицискиот службеник ќе може да стигне на лице место каде што е потребна интервенција или да се регистрира и да се направи увид за одреден настан во многу пократок рок“, појасни министерката за внатрешни работи. Со новата реорганизација ќе се постигне поголема присутност на полицијата и во училиштата. (Г.А.)
|