05.03.2012, 17:15 Торнадо однесе бебе во поле
Петнаесетмесечната Ејнџел Бабкок е 39. жртва на торнадата што беснееја минатата недела
ЛУИСВИЛ – Во неделата почина девојчето од Индијана пронајдено во поле по беснеењата на торнадата откако беше исклучено од апаратите за одржување во живот, ставајќи и' крај на надежната сторија за преживеани во урнатините од разурнувачките бури во Среден Запад и на Југ. Ејнџел Бабкок, стара 15 месеци, од Њу Пекин, Индијана, беше пронајдена откако мобилниот дом на нејзиното семејство во петокот беше уништен од невремето. Нејзините татко, мајка и братот и сестрата ги загубија животите.
„Кога Ејнџел во петокот вечерта пристигна во детската болница „Косер“ во Луисвил, таа ги отвораше очите – знак што даваше надеж“, изјави Цис Груебел, главен медицински техничар.
„Состојбата почна да и' се влошува во саботата кога отокот на мозокот не се намали“, додаде тој. Како што поминуваше денот, нејзините очи престанаа да се движат и состојбата продолжи да се влошува. Немаше знаци за мозочна активност. Медицинскиот персонал му кажа на семејството дека сторило се' што било во нивна моќ. Откако поширокото семејство се собра крај нејзиниот кревет за да се прости, во неделата донесоа одлука да се исклучат апаратите за одржување во живот.
Со смртта на девојчето, бројката на загинати од петочните невремиња се искачи на 39 лица низ пет држави. Спасувачите се' уште одат од врата на врата во руралните области за да ја исклучат можноста за дополнителни жртви. Во втората серија торнада во почетокот од минатата недела загинаа 13 лица во Среден Запад и на Југ, најновите жртви во серијата временски непогоди што ја пустошат внатрешноста на Америка во изминатата година. (АП) |